Тозиевски прогласи победа во Ресен, Гошаревски му честиташе на фејсбук

115

Кандидатот за градоначалник на Општина Ресен од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата Јован Тозиевски вечерва прогласи победа, неговиот против кандидат од СДСМ и актуелен градоначалник Живко Гошаревски му честиташе на социјалните мрежи.

– Најпрво сакам да им се заблагодарам на сите ресенчани и жители на Преспа за поддршката. Ќе бидам градоначалник за сите граѓани без разлика на партиска, верска и друга припадност. Од утре почнуваме со многу работа и реализација на ветеното, изјави Тозиевски.

Упати благодарност до неговиот против кандидат Гошаревски, за како што рече, позитивната, чесна и фер кампања.

Досегашниот градоначалник и кандидат за нов мандат Живко Гошаревски, со фејсбук статус му честиташе на Тозиевски и им се заблагодари на преспани за поддршката.

– Мои почитувани преспани, мои сограѓани, ми беше огромна чест што претходниве четири години бев градоначалник на Општина Ресен. Ви благодарам на вашата несебична поддршка, а зад нас оставаме проекти со кои ќе се гордееме. На новиот градоначалник Јован Тозиевски му посакувам многу успех и секогаш општината да ја става пред се и над се. Ресен и Преспа мора да бидат подобро место за живеење за сите, напиша Гошаревски.