Тинејџерка од Шведска предложена за Нобелова награда за мир

59

Шведската активистка за заштита на животната средина Грета Тунберг е номинирана за Нобелова награда за мир, благодарејќи на нејзините активности во борбата против климатските промени.

Тројца норвешки пратеници ја предложија 16-годишната активистка, која списанието „Тајмс“ ја прогласи за еден од највлијателните тинејџери за 2019 година, за Нобелова награда за мир.

– Ја номиниравме Грета бидејќи заканата од климатските промени може да биде една од најважните причини за војна и судири, истакна парламентарецот Фреди Андре Уевстегард.

Тој додаде дека големото движење кое Грета го започна е „многу важен придонес за мирот“.

Тунберг е номинирана пред одржувањето на глобалниот штрајк против климатските промени, кој е најавен за утре. Протестот е инспириран од нејзиното студентско движење „Петок за иднината“ и организиран со цел да се спроведе акција за спречување натамошни климатски промени и глобално затоплување.