Тим преку Федерер до титулата, Андреску е новата ѕвезда во женскиот тенис

89

Австриецот Доминик Тим го осовои најголемиот трофеј во совјата кариера, откако во финалето на мастерс турнирот ов Индијан Велс го совлада Швајцарецот Роже Федерер  со 3:6, 6:3, 7:5.

Федерер, кој претходно овој месец ја освои титула број 100, загуби второ финале по ред во Индијан Велс, откако минатата година отстапи пред Хуан Мартин Дел Потро, и повторно пропушти шанса да стигне до рекордна шеста титула на турнирот во Калифорнија.

Тим освојува титула од сериите „Мастерс“ за прв пат, откако досега имаше две загубени финалиња. 25-годишниот Австриец до крајот на минатата година беше еден од ретките со позитивен биланс против Федерер. Со овој успех Доминик го претекна својот ривал и на најновата АТП листа ќе биде четврти во светот, а Федерер петти.

На женскиот дел од турнирот големо изненадување направи Бјанка Андреску (18), откако ја освои титулата  со победа над поранешниот светски рекет број еден Германката Анџелика Кербер со 6:4, 3:6, 6:4. Таа стана најмладата шампионка на турнирот од Серена Вилијамс (1999 година) и четвртата најмлада во историјата на натпреварувањето по Вилијамс, Мартина Хингис и Моника Селеш. Канаѓанката воедно е и првиот учесник со „вајлд карта“ кој победил во Индијан Велс.

– Прво сакам да и честитам на Кербер за извонредниот турнир. Беше задоволство да го делам теренот денес со тебе. Ти си голем шампион и инспирација. Се надевам дека овој момент ќе служи за инспирација за многу млади спортисти – како што секогаш сум велела: „ако веруваш во себе, сè е можно“. Мајка ми секогаш ми велела во текот на годините: „Ако работиш напорно и имаш големи соништа, можеш да постигнеш многу нешта“. Ова го правам многу години и конечно овој момент стана реалност, изјави Андреску.