Рускиот ракометен репрезентативец Тимур Дибиров,  и клупската икона на македонскиот шампион Вардар, ќе го носи „црвено-црниот“ дрес и во следната сезона, поточно до јуни 2023 година, со можност за продолжување на соработката.

Клубот и левото крило на Вардар се договорија за продолжување на соработката со што Русинот ќе ја игра 10-тата сезона во Скопје. Тој е еден од оние ракометари со најдолг стаж во клубот со кого се поврзауваат и најголемите клупски успеси на Вардар. Миленик на публиката и голем мотиватор на екипата.

-Среќен сум што отанувам во Вардар. Не можам да се замислам во друг дрес и друг клуб. Им благодарам на сите за поддршката што ми ја даваат. Со клубот се договоривме за продолжување на соработката и заедно да постигнуваме резултати како и досега, изјави Дибиров. за официјалната интернет страница на клубот.

Левото крило дојде во Вардар во 2013 година и оттогаш има освоено седум шампионски титули и седум куп титули. Покрај тоа со Вардар трипати го освои Супер купот на Македонија, четирипати беше победник на СЕХА лигата и двапати беше европски првак.

Сега Вардар е на чекор до освојување на 15. титула во првенството и викендов ќе игра на Ф4 во Купот на Македонија.