Тимот што заслужи да победи загуби

41

Најитересниот натпревар од 8. коло во италијанската Серија А, дуелот помеѓу големите ривали, Јувентус и Рома, заврши со минимален триумф на „старата дама“ од 1:0. Единствениот погодок на натпреварот, постигнат во 16 минута беше дело на Мозес Кин, а во самиот финиш од натпреварот, францускиот интернационалец од редовите на римската „волчица“, Веретут, не го реализираше ударот од белата точка. Иако го загуби и вториот дерби натпревар во новата сезона, прво загуби од градскиот ривал Лацио, контроверзниот тренер на Рома, Жозе Мурињо, по натпреварот тврдеше дека неговите фудбалери заслужиле да слават на гостувањето во Торино.

  • Можам само да кажам дека денес видов одлична Рома. Така им реков на играчите во соблекувалната. Да, зборуваме за пораз и нула бодови, но Рома беше одлична во секој поглед. Видов храброст, доверба, верба. Очигледно, поразот останува пораз, но треба да го погледнете проектот, во растот на тимот со текот на времето. Видов дека тимот што заслужи да победи загуби. Ова е фудбал. Не сакам да го коментирам моментот со пеналот. Досега ги немам сите информации, не сум ја видел снимката. Сакам да се апстрахирам од она што се случи и да се фокусирам на она што го правеше мојот тим, изјави Португалецот.

После осум одиграни кола, Рома е на четвртата позиција со 15 бода, десет помалку од лидерот на табелата, Наполи, додека Јувентус  е на седмата позиција со 14 освоени бода.