EPA-EFE/ANDY RAIN

Американскиот тенисер Френсис Тиафо во драматичен дуел го совлада Гркот Стефанос Циципас со 1:6, 7:6, 10:8 и ја осигура победата на тимот на Светот против тимот на Европа на Лејвер купот во Лондон.

Европа имаше голема предност од 8:4. Но, сите три воведни натпревари на последниот ден од борбите во Лондон ги добија тенисерите кои играа во тимот на Светот. Заврши со победа на Тиафо во одличен меч, во кој Американецот спаси дури четири меч топки за време на тај-брејкот од вториот сет. Од 8:4 за Европа, Светот дојде до конечна победа од 13:8, со оглед на тоа што на последниот ден секоја победа вреди три бода.

Ова е прва победа на тимот на Светот против Европа во ова натпреварување. Во претходните четири пресметики европските тенисери секогаш славеа. Домаќин на Лејвер купот следната година ќе биде Ванкувер.