Не можам да зборувам за датум за преговори. Ќе го чекаме извештајот на Европската комисија кон крајот на мај за да направиме проценка дали е спроведено се што требаше во Република Северна Македонија, особено од областа на судството и на правната држава, изјави вчера амбасадорот на Франција во земјава Кристијан Тимоние.

-Да се предвиди датум, ќе кажам не, не сум астролог, но сепак, ќе кажам еден од условите да се завршат почнатите работи, односно да се заврши агендата 3-6-9, потоа агендата 18, кои претставуваат извонредни работни инструменти, рече Тимоние.

Според амбасадорот Тимоние, ова е суштински период и се влегува во турболентни моменти во светската историја, зашто изборите ќе влијаат на многу аспекти.

-Се разбира дека изборите ќе имаат влијание, и тоа во повеќе аспекти, затоа што, генерално, Европската Унија, вклучително и Франција, се повеќе се интересираат за земјите од Западен Балкан. Впрочем, Франција беше таа која на самитот во Берлин ја објави новата стратегија за земјите од Западен Балкан и нивното приближување кон ЕУ. Се разбира дека сите земји работат на тоа поле, меѓутоа ќе треба поефикасно да ги здружиме напорите за да може сите земји од Западен Балкан, вкучувајќи ја секако и Република Северна Македонија што повеќе да се приближат до ЕУ, објаснува Тимоние.