МОН ќе има состаноци со надлежни институции кои треба да проценат дали треба да се ограничи користењето на мрежата „Тик-ток“ за учениците, соопшти министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

-Ќе продолжиме со состаноци со институциите кои треба да проценат кои се потенцијалните ризици од употребната на тик-ток мрежата, какви материјали содржи и начинот како ја употребуваат учениците во основно и средно образование, изјави Шаќири.

Како што појасни, институциите за безбедност треба да проценат колку е лош материјалот на „Тик-ток“,  со оглед и на неколку видеа од ученици за кои постапува МВР. Посочи дека тука ќе се вклучат Министерството за информатичко општество и Агенцијата за електронски комуникации, како и други институции од ИКТ-секторот за да се разгледаат начините на употреба на оваа апликација.

-Ако можеме од институциите за информатика да имаме конкретни ограничувања во начинот на отворање, внесување податоци, ќе ги разгледаме сите можности, рече Шаќири, додавајќи дека за препораки во однос на овие содржини се размислува и во други земји.

Нагласи дека за безбедноста во училиштата ќе има интензивни состаноци со вклученост на педагози, психолози и родители, а од септември прирачници и протоколи со мерки.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски смета дека зајакнувањето на системот на контрола во образовните институции, подигнувањето на степенот на образование и зајакнувањето на стручните служби кои ќе се грижат за менталното здравје на децата, би помогнало многу во процесот да не дојде до состојби за кривична одговорност кај малолетници. Додаде дека е потребна широка дебата која би помогнала во процесот.

– Мојот личен став е дека не треба ниту еден од оние вртлози да биде отворен, туку напротив да се отвори една широка дебата, и сепак одлуките да ги носиме не водени од емоциите, туку да ги носиме од разумот, она што е рационално во еден момент да може да го направиме. Така што, сметам кога се работи за безбедноста сите опции коишто ќе ја подобрат безбедноста, вреди и да се размисли и да бидат прифатени, рече Спасовски.

Според него, родителите имаат сериозна одговорност во тој дел осврнувајќи се на контролата врз децата во однос на пристапот на интернет и социјалните медиуми.

– Да размислиме сериозно дали и кога е границата во којашто ние ќе дозволиме децата да имаат смарт телефони, пристап до интернет. Затоа што сепак гледаме дека таквиот пристап на сите нас како граѓани придонесува едноставно на децата да им дадеме таканаречено оружје во раце со пристап до тие социјални медиуми, до интернет. Времето на развојот на технологијата ги овозможува сите тие активности. И ние не треба да се враќаме сега назад чекор кон развојот на општеството. Меѓутоа треба да создадеме услови коишто ќе гарантираат безбедност во таа фаза, нагласи министерот за внатрешни работи.

Трагедиите со кои се соочува српското општество се аларм и за нас како орган на кривичниот прогон и не принудуваат како институции да се мобилизираме за што поефикасна контрола на оружјето и во нашата земја, смета јавниот обвинител Љубомир Јовески, кој вчера упати порака до јавните обвинители да делуваат за зајакнување на казнената политика за недозволено држење оружје и муниција.

– Барам од сите јавни обвинители во државава, при постапувањето, да инсистираат на построги кривични санкции за кривичното дело – Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи. Заострувањето на казнената политика мора да се одразува во постапувањето најпрвин на основните јавни обвинителства, кои треба да внимаваат висината на санкцијата за вакви кривични дела да се движи во рамките на законски определниот распон без можност за алтернативна мерка. Покрај ова, вишите јавни обвинителства, во случаите на определена блага санкција со првостепените пресуди, мора да се обидуваат преку постапките во втор степен да издејствуваат повисоки казни, стои во пораката на Јовески до јавните обвинители.

Ако се имаат предвид огромните штетни последици коишто можат да бидат предизвикани од недозволеното држење на оружје, вели Јовески, за сторителите на ваквите кривични дела не треба да има ублажување на санкциите. Трендот на намалување на возрасната граница на сторители на тешки кривични дела, како што посочува, се забележува и во постапувањето во нашата земја.

Ова иницијатива на институциите е токму она што го бараа и дел од експертите. Според Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми, институциите треба да бидат активни не само кога ќе се појави некој инцидент, туку и превентивно, како и да имаат долгорочна стратегија. Драги Змијанац, од детската амбасада „Меѓаши“, посочи дека повторувањето на инцидентите меѓу малолетниците покажува дека имаме дефект во воспитниот, образовниот и општествениот систем. Тој ги повика МОН и МВР преку одделението за компјутерски криминал, да спречат одредени компромитирачки содржини на социјалните мрежи, кои шират штетно влијание кај младите.

(И.С.)