„Се надевам дека ќе се отстранат мерките на превенција и постепено ќе го доближиме Стоби пред се до домашната публика, имајќи предвид дека странските посетители кои се доминантни во Стоби ќе бидат реткост годинава. Позитивниот аспект од оваа состојба е тоа што годинава може да ја искористиме за подобрување на туристичките капацитети на Стоби, со што следната година ќе бидеме поспремни за туристи“, вели директорот на НУ “Стоби“ Спасе Перовски за весникот ВЕЧЕР

Пандемијата на ковид-19 ја забави или целосно ја сопре реализацијата на проектите од годишната програма на сите национални установи од областа на културата без исклучок, а таков случај е и со најголемиот археолошки локалитет во нашата држава НУ „Стоби“, кој во моментов е затворен за посетители, а активностите на теренот ќе чекаат подобри времиња. Сепак како што вели директорот на оваа установа Спасе Перовски и покрај финансиските проблеми кои ги предизвикува состојбата со корона вирусот убеден е дека штом ќе се прекинат рестриктивните мерки ќе започнат активностите на теренот, а предвидените проекти ќе успеат да ги реализираат до крајот на годината.

Стопроцентна реализација минатата година

„Поради стопроцентна реализација на програмата минатата година Министерството за култура значително го зголеми буџетот на Националната установа „Стоби“ за 2020 година. За жал, пандемијата на ковид-19, годинава ја забави  реализацијата. Исто така поради пандемијата локалитетот е затворен за посетители, што значително ја отежнува финансиската состојба на установата. Токму средствата кои самостојно ги заработува ова установа се доволни за мали но значајни интервенции во самиот локалитет. Дополнително и летните школи кои се реализираат заедно со Балканско наследство од Р. Бугарија се прекинати и воопшто нема да се реализираат не само кај нас туку насекаде“, посочува Перовски, кој додава дека токму финансиската состојба на Стоби во моментот е и најголемиот проблем со кој се соочуваат.

Што се однесува до програмските активности, финансирани од страна на Министерството за култура, тој смета дека освен доцнењето ќе нема друг проблем во реализацијата во поглед на археолошките истражувања, конзервацијата и  презентацијата на културното наследство. Стоби, според Перовски, има неколку капитални проекти планирани за оваа година кои по секоја цена треба да се реализираат, а со цел заштита на локалитетот. Тој се надева дека надлежното министерство ќе има слух за оваа установа и ќе помогне во непреченото реализирање на програмата, за која вели, има потпишано решенија и договори.

На прашањето кои чекори ќе се преземат веднаш по завршувањето на пандемијата и враќањето на ситуацијата во нормала, тој истакнува дека најпрвин треба да се елиминираат сите пречки за распишување на тендери, по што следува реализација на програмата.

Стоби на светската мапа

Во однос на најавената реконструкција на северозападниот бедем, со должина од 324 метри, Перовски истакнува дека конзерваторските интервенции и реконструкција на северозападниот бедем, за кои има и проект, беа насочени кон добивање на грант од страна на вардарскиот плански регион со поддршка од страна на Општина Градско.

„За жал, тие средства не ги добивме, така што тој проект ќе чека подобри времиња. Имајќи предвид дека се зголемуваат можностите за аплицирање кон европските фондови, сметам на позитивен тек на работите во оваа насока не само за северозападен бедем туку и за многу други проекти и интервенции со кои Стоби ќе го поставиме на достоинствено место на светската мапа.

Со оглед дека Стоби го посетуваа годишно над 20 илјади туристи, од кои повеќето странци, запрашавме и какви се очекувањата во оваа насока?

„Се надевам дека ќе се отстранат мерките на превенција и постепено ќе го доближиме Стоби пред сè до домашната публика, имајќи предвид дека странските посетители, кои се доминантни во Стоби, ќе бидат реткост годинава. Позитивниот аспект од оваа состојба е тоа што годинава може да ја искористиме за подобрување на туристичките капацитети на Стоби, со што следната година ќе бидеме поспремни за туристи. За жал, токму кога тикетинг системот за влез на локалитетот (со соодветен софтвер за туристичка презентација на археолошкиот локалитет) беше комплетно готов, проект финансиран од страна на Министерството за култура за минатата година, кој е завршен на почетокот на годинава, се прогласи пандемијата на ковид-19 при што истиот многу малку беше употребен. Се надевам дека вторава половина од годинава системот ќе биде употребуван, пред сè од домашни туристи, а секако и од странски.

Бројката од околу дваесет илјади туристи на годишно ниво, постепено се зголемуваше, но, за жал, годинава се соочивме со сосем нов предизвик. Се надевам дека отворениот простор во Стоби ќе биде предизвик за сите кои претходно, воопшто или многу малку го посетиле Стоби“, вели Перовски, додавајќи дека прошетката по Стоби е исклучително доживување за секого.

„Сметам и се надева дека од оваа состојба ќе излеземе поискусни и позрели не само институционално туку и како поединци“, додава Перовски.

Следува подобрување на туристичка презентација

Минатата година на локалитетот Стоби се работеше на археолошки истражувања и конзервација на Античкиот театар, Храмот на Изида, конзервација на мозаикот од втората фаза во јужниот брод на Епископската базилика, како и на подготовка на проектот за привремен покрив над Крстилницата, кој треба да го заштити мозаикот и мермерната пластика.

Перовски тогаш информираше дека со стручниот тим во Стоби работат и на осмислување и подобрување на туристичката презентација на локалитетот, на патеките за посетители, нови информативни табли и пристапни точки од каде што најдобро може да се разгледаат објектите. Тој додаде важен сегмент е неговата презентација, односно оживувањето на локалитетот со разни културни настани кои би привлекле повеќе посетители. (Д.Т.)