“ТИКВЕШКИ ГРОЗДОБЕР 2019“: Розга и Чолиќ – главни ѕвезди!

411

Што се славеше се славеше, а во убавото македонско Кавадарци се славеше и оваа година на крајот од летото “Тиквешкиот гроздобер“ во реализација на Општина Кавадарци и нивниот градоначалник Митко Јанчев. И сите вкусови беа максимално задоволени. За секој по нешто. Од дегустација на храна и вино со староградска музика, трка на келнери, изложба на олдтајмери, таблијада, мото рели…, па сè до “2 Бона“, Антониа Гиговска и, секако, мораме да признаеме со најголемите естрадни ѕвезди, сплиќанката Јелена Розга и белграѓанецот Здравко Чолиќ.

Розга која пееше во саботата и буквално ја крена на нозе многубројната публика покажа дека луѓето “владеат“ со нејзините хитови од “Бижутерија“, “Дај шта даш“, “Нирвана“, до оние кои пејачката ги пеела во времето на нејзиното членување во сплитскиот бенд “Магазин“. Сепак, јаготка на тортата беше мега популарниот Здравко Чолиќ кој ја затвори манифестацијата со својот тричасовен концерт на кој немаше каде игла да падне, од премногу народ кој се собра на централниот кавадаречки Плоштад кој за оваа прилика беше убаво среден и шарен, исполнет со расположени луѓе.

Здравко ги испеа многубројните свои хитови, а традиционално не изостанаа ниту кадифените мечиња кои сè уште ги добива на подарок од своите обожавателки кои ги имаше дури и од Србија, Бугарија и Црна Гора. После многу песни, популарниот Чола од расположената публика одвај се прости со својот евергрин “Ти си ми у крви“ што би можело да биде и асоцијација на светски познатите вина од тиквешкиот крај. Д.М.