Правници и економисти доминираат во составот на новата Влада на мандатарот Зоран Заев, дипломиран економист и долгогодишен бизнисмен и поранешен градоначалник, кој ја вршеше премиерската функција и во изминатите три години. За спроведувањето на владината програма ќе бидат задолжени и електроинженер, архитект, новинар, специјалист хирург, специјалист по неврохирургија, специјалист по интерна медицина, дипломиран социјален работник. Најмладиот министер има 33 години, а највозрасниот 56.

Правници и економисти доминираат во составот на новата Влада на мандатарот Зоран Заев, дипломиран економист и долгогодишен бизнисмен и поранешен градоначалник, кој ја вршеше премиерската функција и во изминатите три години. За спроведувањето на владината програма ќе бидат задолжени и електроинженер, архитект, новинар, специјалист хирург, специјалист по неврохирургија, специјалист по интерна медицина, дипломиран социјален работник. Најмладиот министер има 33 години, а највозрасниот 56, покажуваат податоците од објавените биографии во Предлог-составот на Владата.

Првпат Владата добива прв вицепремиер и министер за политички систем, функција што ќе ја врши дипломираниот новинар и долгогодишен пратеник од ДУИ, Артан Груби, како и вицепремиер за борба против корупцијата, место на кое седна Љупчо Николовски, дипломиран правник, генерален секретар на партијата и поранешен министер за земјоделство. Вицепремиерска позиција за европски прашања ќе врши Никола Димитров, досегашниот министер за надворешни работи, кој исто така е дипломиран правник. За вицепремиерското место за економија ќе биде задолжен Фатмир Битиќи. Во неговата биографија пишува дека е интернационален експерт по менаџирање со економски процеси и реформи, а меѓу останатото бил извршен директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија и претседател на Комисијата за финансии на СДСМ.

Битиќи треба да ги координира Фатмир Бесими, кој ќе раководи со Министерството за финансии, Крешник Бектеши со Министерството за економија, Јетон Шаќири во Министерството за информатичко општество и администрација, тројцата кадри од ДУИ, како и Аријанит Хоџа во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кадар на БЕСА, Благој Бочварски во Министерството за транспорт и врски и Јагода Шехпаска во Министерството за труд и социјална политика, кои пак се кадри на СДСМ. Од економскиот владин тим Бесими е доктор по економија, Бектеши е магистер по менаџмент и стратегии, а Хоџа е професор на Факултетот за бизнис и администрација во Универзитетот на Југоисточна Европа и тој е најмладиот министер во Владата. Бочварски е дипломиран архитект и доскорешен градоначалник на Општина Штип, додека Шехпаска е специјалист по интерна медицина и пратеник во претходните два собраниски состава. Нема промени во раководните позиции во безбедносните ресори – за внатрешни работи и за одбрана.

Таму повторно ќе раководат Оливер Спасовски, дипломиран правник и доскорешен технички премиер кој ја вршеше министерката функција во Министерството за внатрешни работи пред почетокот на преодната Влада, како и Радмила Шекеринска, електротехнички инженер која останува да ја менаџира одбраната како и во изминатите три години. И во Министерството за здравство останува досегашниот министер Венко Филипче, кој по професија е специјалист неврохирург, а министерската функција во Министерството за животна средина и просторно планирање и понатаму ќе ја врши Насер Нуредини, со претходна кариера во областа на финансиите во Лондон и Виена како аналитичар и како инвестициски менаџер за пазарите во Централна и Источна Европа. Со ист министер останува и ресорот локална самоуправа, каде ќе продолжи да раководи Горан Милевски, по професија економист и кадар на ЛДП. За менаџирањето во ресорот правда ќе биде одговорен Бојан Маричиќ, магистер по меѓународно и европско право. На функцијата министер доаѓа од позицијата национален координатор за интеграција во ЕУ, Берлински процес и регионална соработка и заменик на главниот политички преговарач и шеф на преговарачкиот тим за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ при Владата.

За дипломатијата ќе биде задолжен Бујар Османи, специјалист хирург и доскорешен вицепремиер за европски прашања. Министерството за образование и наука, пак, ќе го раководи Мила Царовска, која е дипломиран социјален работник, доскорешен вицепремиер за економски прашања и која имаше и министерска функција во Министерството за труд и социјална политика во досегашната Влада. Новата министерка за култура е Ирена Стефоска, која е доктор на историски науки и досегашна претседателка на собраниската Комисија за култура.