Логото за „30 години независност“ ја крена јавноста – Тешко ни оди кога се во прашање националните интереси!

261

Новото лого, кое Владата го промовираше за јубилејот „30 години независност“, предизвика лавина реакции и неодобрување од експертската јавност, а социјалните мрежи зовреа од  бурни негативни реакции на граѓаните. Реагираат на несоодветното поврзување на историските факти 30 години независност, новото уставно име, кое е актуелно само три години, а најголема прашина се дигна за знамето кое не е автентично прикажано. Логото, вели хералдичарот Јован Јоновски, не успеа да прикаже стилизација на знамето според неговите карактеристики и специфики.

-Напротив, произволниот дизајн направи обезличување на знамето. За жал, несоодветниот однос кон државното знаме е врвот на еден долг и тажен процес на промашувања на знамиња, изјави Јоновски за весникот ВЕЧЕР. Неговиот колега од Македонско грбословно друштво МГД, Иван Нацевски, додава дека идејните творци би требало да се свесни дека со ваквото лого се прави историски метеж, искривување 30 години историја.

-Со самиот дизајн грубо се крши Законот за употреба на знаме, се навредува и сквернави знамето. Сите дизајнери знаат дека кога националните симболи се во прашање мора строго да се почитуваат нормите дури и кога се прави уметничко решение, изјави Нацевски за весникот ВЕЧЕР.

И социјалните мрежи беа преплавени од негативни коментари од граѓани и јавни личности. Од Академијата за протокол на Фејсбук напишаа: „Не знам дали е утнато, ама може да разговараме дали можеше да биде естетски поубаво наместо да личи на регистрација за возило…“.

Токсикологот д-р Нико Беќаровски, пак во пет точки образложи зошто има толку невистини во едно лошо осмислено лого за кое коментира дека е полошо и од дресовите со кои, како што напиша, „сакавте да ги унаказите фудбалерите“. 1. Македонија како правен идентитет постои од 29.12.1943 година (значи многу повеќе од 30 години). 2. МК кодот за нашата земја е стар 14 години, а не 30.  3. Северна е само 2,5 години. 4. Знамето од логово (додуше со ДВА крака помалку) е усвоено на 5 октомври 1995 година, т.е. пред 26 години.  5. 30 години се поминати само од референдумот, кој ако добро паметам имаше едно смешно двосмислено прашање“.

Зад логото, кое  ќе се применува на сите јавни настани на државните институции, застанаа малкумина.

Објаснување дојде од советникот на премиерот за медиумски реформи Зоран Бојароски.

-Дизајнот на логото, по повод јубилејот – 30 години од независноста на државатa, црпи инспирација од македонската државност, од Денот кога граѓаните одлучија да имаме независна Република Македонија и од сѐ она што денес, нашата Северна Македонија го носи со себе како демократска држава определена за мир, демократија, соработка и развој. На традиционалната, историски заснована, национална, црвена основа, обединети се симболите со кои се потенцира 30-годишнината од независноста. Сонцето, уставното име, меѓународниот МК код и бројот 30 раскажуваат за нашата државност, напиша Бојаровски на фејсбук.

Меѓу многубројните критики на неговата објава, забележителен е коментарот на познатата ликовна критичарка и историчарка на уметност, Соња Абаџиева: „О д м а да го исфрлите ова лого! Голема дезинформација, зарем не гледате дека е пола знаме, каде ви е Републиката? Знаете ли да сметате, 30 години ли сме северни?“

Бизнисменот Венко Глигоров, пак, коментира: „ Душман на Македонија да си, нема толку да користиш Северна. Да си злобник на Македонија, ми се чини нема такво лого да се состави. Зошто потенцирање со сила на зборот Северна? Па уште и 30 години од Северна? Тоа се лаги, не се факти. Македонија, држава-колективитет со чист збор Македонија, како самостојна држава одбележува 30 години. Тоа што моментално сме Северна, за да се запази формата, се става во фуснота со екстра мали букви. (Јас бев За да се прилагоди името за влез во НАТО и не сум против Северна, ама ова на Заев со Северна е неподносливо). Значи, според мене, Македонија (треба да) е вечна, а „пакувањето“ може да е различно, впрочем како што било низ стотиците години – Република, Социјалистичка, Федеративна, бановина, итн итн. Малку државност покажете пошто за економија и развој сте тапа“.

Од  ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудија  изборот на логото за одбележување 30 години самостојност.

-Предложеното идејно решение не претставува ништо друго, освен брутално сквернавење на знамето на Република Македонија како симбол на нејзината државност. Покрај прикажаниот естески аматеризам, предложеното решение го доведува во прашање општественото уредување и историскиот континуитет на македонската државност. Непостоењето на терминот „Република“ како одредница за општественото уредување и пренебрегнувањето на фактот дека на 8 Септември 1991 година, македонскиот народ гласаше за суверена и независна држава Република Македонија, го прави понуденото решение целосно неприфатливо. Од овие причини бараме итно и неодложно повлекување  и распишување на нов Конкурс со прецизни параметри кои треба да бидат испочитувани при изборот на ново лого, се вели меѓу другото во партиската реакција.

Логото е авторство на тимот графички дизајнери при Секторот за односи со јавноста во Владата. Инаку за прославата на јубилејот се одобрени околу еден милион евра од државната каса, наменети за реализација на бројни манифестации кои ќе се одржуваат по овој повод.  (Е.А.)