Тешка трагедија во Србија: Загинаа четири млади момчиња, со автомобил слетале во река

90

Четири млади момчиња загинаа на патот Гојна Гора – Чачак во местото Јанчиќи во Србија. Како што пренесува српски Телеграф, автомобилот во кој се наоѓале, со чачачки регистерски таблички, од мостот слетал во реката Каменица.

Порталот пишува дека станува збор за млади момчиња кои немале повеќе од 18 или 19 години. Несреќата се случила неколку часа по полноќ.

Возачот најверојатно изгубил контрола и автомобилот слетал на левата страна во коритото на реката Каменица. Се претпоставува дека пред падот удриле во дрво, се превртеле и завршиле во каналот, пишува Пинк.рс.

– Најверојатно се враќале од забава и возачот изгубил контрола над автомобилот и излетал од патот. Сите загинаа. Ова е вистинска трагедија, тоа се само млади. Сите беа на 18 или 19 години – изјави за медиумите еден од жителите на селото Јанчиќи, кој утрово се нашол во близина на местото каде што се случула несреќата.

Идентитетот на жртвите се уште се утврдува, а истрагата е во тек.