ТЕЦ Осломеј почна да произведува електрична енергија

46

ТЕЦ Осломеј е вклучен на мрежа вчера во 17:52ч и произведува електрична енергија во електро-енергетскиот систем. Термоелектраната ќе работи според планот за производство и потребите на конзумот, соопштија денеска од АД Електрани на Северна Македонија.

Во ТЕЦ Осломеј, се појаснува во соопштението, во претходниот период се вршеле неопходни дополнителни ремонтни активности, особено на млиновите и каналите за јагленова прашина кои се најизложени на влијанието на користењето јаглен од различни наоѓалишта, (делумно од сопствен ископ, делумно набавен јаглен).

Застојот се искористил за санирање и на други помали дефекти воочени на останатите уреди и постројки во претходниот период кога термоелектраната работеше.

– Целта на зафатите беше да имаме сигурна работа на капацитетот во грејната сезона, бидејки станува збор за термоелектрана изградена пред 42 години, соопштија од АД Електрани на Северна Македонија.