Техничка влада напролет, избори во октомври?

Од „Бихаќка„ за весникот „Вечер“ велат не се размислува за брзи избори - по Брисел, фокусот се сели на зачленувањето на Македонија во НАТО Алијансата. Ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е дека недобивањето на датум за преговори е уште една потврда за, како што велат, погрешните политики на владата, што, според нив, само треба да го засили барањето за предвремени парламентарни избори напролет. Во албанскиот блок веќе се калкулира со можноста за предвремени избори напролет, а не октомври како што најави владејачкиот двоец Заев-Ахмети

375

На седница на Централен комитет, која според партиски извори ќе се одржи  следната недела, партиските органи ќе дискутираат за одлуката на Советот на министри и ќе се договорат што после Брисел. Од „Бихаќка„ за весникот „Вечер“ велат не се размислува за брзи избори – по Брисел, фокусот се сели на зачленувањето на Македонија во НАТО Алијансата.

Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска уверува – коалицијата со ДУИ е стабилна и Владата нема да падне.

– Не гледам никаква причина да се создадат дилеми во владината коалиција заради тоа што пораката којашто е упатена од министрите за надворешни работи, сега видовме и од претседателите и од премиерите, е дека ние го завршивме нашиот дел од задачите и тоа е драматично различно од ситуациите пред неколку години. Меѓутоа, ниту една задача не е завршена додека не се постигне резултатот и затоа работиме на тоа државата да ги почне преговорите, нагласи Шекеринска.

Таа рече дека единствените кои повеќе се грижат за иднината на Владата отколку за иднината на државата „се оние коишто не донесоа во ситуација по 14 години од кандидатскиот статус, ние да сме државата која ги нема почнато преговорите и мислам дека тоа е неодговорно и недржавничко однесување“.

Шекеринска истакна дека сегашната политичка опција ја донела земјава до членство во НАТО и до тоа да ги почне преговорите со ЕУ. Таа посочи дека единствената бариера која стои меѓу земјава и почеток на преговори со ЕУ се нашите задачи.

– Тоа го кажа дури и најскептичната земја – Франција. Од наша страна нашите обврски се завршени. Единственото што стои меѓу нас денеска и почетокот на преговори е реформата која Франција ја заговара, ја предвидува и ја бара и во поглед на внатрешните состојби во Унијата, но и во поглед на самиот процес на проширување, нагласи Шекеринска.

Таа нагласи дека стратешка грешка било што сме ги пропуштиле подобрите години за проширување на ЕУ во период кога влезе Хрватска и кога Србија и Црна Гора почнаа преговори.

Ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е дека недобивањето на датум за преговори е уште една потврда за, како што велат, погрешните политики на владата, што, според нив, само треба да го засили барањето за предвремени парламентарни избори напролет.

Во албанскиот блок веќе се калкулира со можноста за предвремени избори напролет, а не октомври како што најави владејачкиот двоец Заев-Ахмети. Помалите партии веќе се екипираат за предизборни коалиции и предвремени избори напролет.

Лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села во емисијата „Click Plus“ рече дека доколку не добиеме датум за почеток на преговори со Европската Унија, ќе се направи техничка влада согласно Пржинскиот договор, по што напролет ќе се одржат вонредни парламентарни избори.

Тој, истовремено јавно го повика универзитетскиот професор Блерим Река да се приклучи на Алијансата. Река на последните претседателски избори беше независен кандидат, но беше поддржан од Алијансата за Албанците.

Премиерот Зоран Заев пред два дена рече дека ако лидерите на ЕУ, дефинитивно, донесат негативна одлука за почеток на преговори или ако одлучат да ја одложат одлуката, Владата ќе биде мртва и дека ќе биде загубено мнозинството во парламентот.