Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ денеска до Собранието поднесоа предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Влада со што се предлага укинување на техничката влада пред избори, за што поскоро да бидат организирани предвремени избори. Од СДСМ реагираа дека за укинување на техничката влада, треба согласност од четирите најголеми партии и повторија дека нема да има предвремени избори. Средбата на премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на која треба да се разговара и за изборите и за изборните измени, засега останува само во најава.

Со овој предлог на закон, ние предвидуваме и бараме бришење на одредбите од Законот за начинот на избор на Владата кои предвидуваа сто дена пред одржувањето на парламентарни избори да се избере нова, преодна Влада, појасни координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

„Во овој момент, кога се актуелни неколку кризи и кога владее општ хаос во државава, Македонија не смее и не може повеќе да губи ниту ден, а не, пак сто дена за техничка влада, којашто нема да реши ниту еден од проблемите со кои се соочуваат државата и граѓаните. Предлагаме и бараме согласно со Деловникот за работа на Собранието, овој предлог на закон да биде ставен како точка на дневен ред на 61. седница на Собранието на Република Македонија, којашто треба да се одржи в среда, 26.1.2022 година. Токму од овие причини, овој предлог на закон го поднесовме по скратена постапка“, рече Мицевски.

Веднаш по него следуваше одговор на координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, кој посочи дека промената на Законот за влада треба да биде усогласена со сите четири најголеми партии во Собранието. Тој додаде дека има време за тоа до следните редовни парламентарни избори во 2024 година.

„Според Пржинскиот договор, за какви било измени на Законот за Влада треба да има консензус меѓу четирите најголеми политички партии во Собранието, а не на ваков начин, со еднострано изразена волја на една партија“, рече Митревски.

Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на „пржинската влада”, според него, зборува дека државата денеска е способна да спроведе фер и демократски избори.

„ВМРО-ДПМНЕ беше против укинувањето на техничката влада откако ги изгуби изборите во 2016 година, иако таа требаше да биде само за тие избори. Добро е што сега ВМРО-ДПМНЕ, по толкав период, признава дека за разлика од 2016 година кога беше категоризирана како заробена, денеска е држава која може да спроведе фер, демократски и слободни избори признати од сите“, изјави Митревски.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека предлогот да се укине техничката влада е за да се охрабри СДСМ и за да излезе на избори, а иако знаат дека повторно ќе има обиди за поткуп, разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е огромна.

И ДУИ се согласува дека какви било промени на Законот за Влада треба да се направат во согласност со најголемите политички партии. Од партијата велат дека постои начелен договор за укинување на оваа техничка влада, но оти предлогот треба да биде по постигнат консензус, а за ова има време бидејќи предвремени парламентарни избори нема да има, туку редовни во 2024 година.

Предлогот, како што појасни Арбр Адеми од ДУИ, го добиле вчера и немале време да го разгледаат, но за овие измени треба да има преговори, широк консензус – меѓуетнички и меѓупартиски.

„Остануваме на ставот дека треба со консензус да се предлага ваков предлог-закон. Имаме време пред нас за да се анализираат најдобрите решенија околу ова прашање, евентуално и други прашања кои би требало да се дорегулираат во Законот за Владата“, рече Адеми. 

Беса, пак, го поддржува предлогот за законски измени со кои ќе се укине пржинската влада и ќе се создадат услови за предвремени парламентарни избори.

„Владата на Република Северна Македонија и сегашното мнозинство секојдневно докажуваат дека немаат капацитет да ги водат државните институции. Секое пролонгирање на оваа нестабилна состојба може да има големи последици, и политички, но и за економијата на земјата. Иницијативата за промена на Законот за Влада, односно бришење на деловите од Законот за техничката влада, како чекор пред парламентарните избори, е многу битна и, секако, ќе ја има поддршката на пратениците од движењето Беса“, се вели во партиското соопштение.

(И.С.)