Тетовци го исчистија Саат маало од отпад и прашина

85

Тетовци кои живеат во Саат маало одржаа заедничка еколошка акција за расчистување на нивниот парк и покренаа иницијатива „Пубоо“ (Поубаво) на социјалната мрежа Фејсбук, со идеја нивниот пример да го продолжат и другите сограѓани низ Тетово.

– Се собравме 20-ина маалци и го исчистивме паркот. Идејата е заедно да придонесеме за поубаво наше маало. Чистата животна средина зависи од сите нас. Ние се собравме и ги собравме отпадоците и го исчистивме зеленилото околу паркот, како и тротоарите и улиците. Побаравме од комуналното претпријатие на крај да дојдат и да го измијат местото со вода, што беше направено од нивните страна – вели Драган Гавровски, еден од иницијаторите.

Иницијативата е со цел да се зголеми свеста и совесноста кај луѓето, па и други тетовци да се приклучат во наредните акции на жителите на Саат маало. Исто така, целта е да се поттикнат и другите граѓаните на Тетово да почнат со расчистување на сметот расфрлан низ нивните населби.

– Мора да се одржува и понатаму таа чиста средина како што секој од нас по дома редовно се грижи за чистотата и хигиената. Се надевам дека иницијативата ќе биде прифатена и од други маала и места низ градот, затоа што знаеме со колку многу расфрлан смет се соочува цело Тетово – рече Гавровски.

Саат маало е познато во Тетово и по својата мултикултурна слика. Tука живеат семејства од сите етнички заедници, а карактеристика е нивното заедништво и соживот.