Тетовските комуналци шест месеци без здравствено и пензиско осигурување

126

Околу 60-ина работници на работната единица „Комунална хигиена“ при ЈКП „Тетово“  се собраа на јавен протест изразувајќи незадоволство што веќе шест месеци не им се платени придонесите за здравствено и пензиско осигурување. Бараат интервенција на државните институции.

– Немаме шест месеци осигурување и бараме да ни се дадат платите на време. Платите ни доцнат еден месец, но најмногу ни е проблем што немаме осигурување. Еве јас имам проблем со срцето, морам да пијам лекови, морам да ги земам, наместо да платам 300 денари сум платил 2.500 денари затоа што немам осигурување – вели работник од село Копанце.

– Вчера сум платил таблети за дијабетес, морам таква е болеста, а немам осигурување. Шест години со договор работам немам никакво осигурување. Тука се пред се луѓе без образование, не манипулираат – се пожали еден работник.

Според раководството на ЈКП Тетово „Комунална хигиена“, незадоволство изразиле само еден дел од работниците, што се смета дека не е оправдано, со оглед дека здравствено и пензиско осигурување нема за ниту еден работник од околу 300 вработени во јавното претпријатие.

– Претпријатието работи со загуби поради пандемијата овие шест месеци. ЈКП се соочува со загуба од 26 милиони денари, а причина се неплатени сметки од страна на граѓаните. Сега ова треба да се коригира со ребаланс на буџетот на општинскиот Совет за итно решавање. За придонеси месечно се потребни 8 милиони денари. Работиме на тоа со Фондот за здравство да се земаат лекови и да се користат услуги во јавното здравство, но треба да се почека да се именува нов директор. Работниците ми рекоа дека бараат од државата да помогне – изјави Џелал Цека.

Работниците се пожалија дека како јавни претпријатија и вработени со ниски примања не добиле никаква помош од државата како што се ваучери и други поволности.