Во Тетово има најмногу активни случаи на ковид во земјава, според бројот на жители, како резултат на свадбарските кластери и семејните веселби. Оваа бројка за само десетина дена во градот достигна 175 заразени, а само во еден ден се регистрирани 25 лица заразени со коронавирусот. Во исто време во овој град, заедно со Кичево, има најмал интерес за имунизација, па според последната статистиката на Министерството за здравство  во Тетово се вакцинирани 19,4 отсто од населението, а во  Кичево процентот на имунизација е уште помал и достигна 18,2 отсто

 

Расте бројот на заразени лица со коронавирус во Македонија, при што бројот на активни случаи достигна повеќе 627, а од нив околу 70 се на болничко лекување. Забрзаниот раст на заразени во земјава е актуелен изминативе две недели, епидемиолозите стравуваат дека бројката ќе продолжи да расте и по продолжениот празничен викенд, бидејќи во туристичките места низ земјава вриеше од туристи, а на многу места иако имаше гужва не се почитуваа протоколите и не се носеше маски. Изминативе денови голем е бројот и на македонските граѓани кои заминаа во странство во Грција, Албанија и Црна Гора, но и голем број иселеници пристигнаа во земјава. Најголем број од дијаспората пристигнуваат за да бидат дел од свадбени и други семејни веселби.

Во Тетовскиот регион во угостителските објекти секојдневно се одржуваат свадби во затворени простории без да бидат ограничени на 250 гости. Како што велат наши извори во еден ден се организираат и по три веселби, а во вакви услови персоналот нема време да ги направи деталните дезинфекции на просторот, на приборот, а добар дел од гостите не носат ниту маски. Не случајно во моментов токму во Тетово има најмногу активни случаи на ковид во земјава според бројот на жители. Оваа бројка за само десетина дена во градот достигна 175 заразени,а само во еден ден се регистрирани 25 лица заразени со коронавирусот. Во исто време во овој град, заедно со Кичево, има најмал интерес за имунизација, па според последната статистиката на Министерството за здравство во Тетово се вакцинирани 19,4 отсто од населението, а во Кичево процентот на имунизација е уште помал и достигна 18,2 отсто.

Во Скопје, во моментов, активни се 195 кои што се позитивни за коронавирусот, потоа следуваат Куманово со 68 и Гостивар 50 заразени.

Професорот по математика Дејан Трајковски кој  за време на пандемија е познат по своите статистики и анализи, потсетува  дека минатото лето кога го немаше делта сојот беше помирно и немаше олкав број на заразени  Според него засега  не е алармантно, но штом летно време имаме ваква преносливост, наесен бројките ќе бидат уште повисоки.

Трајковски на својот ФБ-профил пишува дека  последните студии укажуваат дека невакцинираните граѓани многу тешко ќе куртулат од новите корона мутации. Тој  појаснува дека лицата што веќе го прележале вирусот и се вакцинирале може да бидат безбедни од повторна инфекција, а граѓаните кои или само прележале или само се имунизирале би можеле да се заразат, но болеста да ја минат со полесна клиничка слика.

Микробиологот д-р Никола  Пановски деновиве на својот ФБ профил напиша дека може да имате антитела до плафон, ако не се од вакцина, џабе е.

-Јас сум воопшто против сертификати. Дека прележаните не треба да се вакцинираат, односно ако веќе се вакцинираат треба да се вакцинираат со една доза, кажано е повеќе пати – напиша Пановски на „Фејсбук“.

Според него, властите тоа го имаат слушнато повеќе пати и преку медиумите и преку социјалните мрежи.

-Значи мислењата и препораките се дадени одамна, не се прифатени од власта. СЗО или не знам кој рекол, прележаните на вакцина по еден месец. Може да имате антитела до плафон, ако не се од вакцина, џабе е. Ако не биле високи, со првата доза одат високо, не вреди, морало втора доза за да се добиел аусвајсот!!! Во исто време добар број вакцинирани немаат антитела, очигледно можат да го шират вирусот, но пусулче ќе добијат“ – смета Пановски

Во последните 24 часа се направени 3.658 тестирања, а регистрирани се 37 нови случаи на ковид-19, при што најмногу во Скопје – 15, Тетово – 8, Куманово – 4, Гостивар – 3 и Кичево – 2. Досега во земјата се направени вкупно 989.214  тестирања на ковид-19, a вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 156.543. Бројката на оздравени пациенти е 150.422, на починати е 5.494, а бројот на активни случаи изнесува 627.

Прва доза вакцина примиле 31 отсто од населението над 18 години

Вакцинацијата се одвива со задоволително темпо на територијата на целата држава. Заклучно со 1 август, со една доза на вакцина против ковид-19 вакцинирани се 31 отсто од населението над 18-годишна возраст. Како што информираат од Министерството за здравство кај лицата над 50-годишна возраст, опфатот со една доза изнесува 50,6 отсто, кај лицата над 60-годишна возраст опфатот со една доза изнесува 61,2 отсто, додека кај лицата над 70 години изнесува 64,9 отсто.

Според последните податоци, најмногу со прва доза вакцинирани граѓани има во Скопје – 159.514, во Битола – 35.067 и во Тетово – 31.007 граѓани.

Куманово, Прилеп и Охрид имаат меѓу 20.000-25.000 вакцинирани граѓани со прва доза, а меѓу 15.000-20.000 граѓани се вакцинирани досега во градовите Велес, Кавадарци, Струмица, Гостивар и Штип, додека пак во Кочани и Струга вакцинирани се нешто повеќе од 10.000 граѓани. Во Демир Хисар, Кичево, Ресен, Неготино, Св. Николе, Берово, Виница, Делчево, Пехчево, Крива Паланка, Кратово, Дебар, Крушево, Македонски Брод, Валандово, Пробиштип и Радовиш вакцинирани се под 10.000 граѓани во секој од градовите.

Македонија повторно под вршник, денес и утре во портокалова фаза  

Според најавата на Управата за хидрометеоролошки работи, денеска и утре,  целата територија на државата ќе биде зафатена со температури до 42 Целзиусови степени, што ќе ја донесе земјава да биде во портокалова (алертна) фаза. Според метеоролозите се очекува мало намалување на температурите од петок, но исто така ќе бидат високи до 38 Целзиусови степени.

Од Министерството за здравство потсетуваат дека потребно е да се почитуваат општите мерки, како што е ослободување од работните обврски на најранливите групи на населението, вклучувајќи ги бремените жени и лицата на возраст над 60 години. Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикуваат физички активности и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Исто така единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст на РСМ и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени, стари и изнемоштени лица и бездомници. Работодавците имаат обврската за почитување на законските прописи кај вработените каде што работата и технолошките процеси се дополнителен ризик врз нивното здравје.

Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарски производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивна употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање веднаш по подготовката.

(В.Ма.)