„Тетово сака парк“ бара да се заштити малиот парк во населбата Ајдучко маало

45

Граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“ побара општинската власт да даде одговори на информацијата за која деновиве низ градот јавноста дебатира, а се однесува на тоа дека малиот парк во населбата Ајдучко маало ќе биде предвиден за изградба на катна гаража. Според иницијативата не е решение да има уништување на зелени подрачја за да се задоволат автомобилите или приватните инвеститори за сметка на благосостојбата на човекот.

-Нашата иницијатива, но и повеќемина локални жители и членови на совет на општина Тетово добија вознемирувачки непотврдени информации кои говорат дека во следниот период можно е уништување на малото паркче во „Ајдучко Маало“ и изградба на катна гаража на негово место. Соочени со многудецениската негрижа за функционирањето на градот, недозволиво е општината да размислува за справување со сообраќајнот метеж со половични „решенија“ кои создаваат други поголеми проблеми. Јавно ѝ предочуваме на Општина Тетово дека реализацијата на таквата идеја е целосно неприфатлива не само за мештаните во „Ајдучко Маало“, туку и за сите жители во градот, и ќе повлече нови начини на изразување на револтот, велат од „Тетово сака парк“.

Од иницијативата бараат да не се дозволи да се уништи тој мал парк, како една од ретките зелени точки во градот Тетово. Порачуваат дека нема се дозволи Ајдучко да биде новата жртва.

-Го повикуваме г. Биљал Касами и сите советници веднаш јавно да кажат дека паркот заедно со теренот во „Ајдучко Маало“ нема да се чепка, дека ќе опстои со целата своја површина и дека редовно ќе се одржува на соодветен начин, ќе се чисти и развива со нови садници и урбана опрема.  Целата населба таму е заложник на зонското паркирање на бул. „Маршал Тито“ и близината на градскиот пазар, па наместо излегување во пресрет на барањата на луѓето, неприфатливо е уништување на она малку јавно добро што останало. Ваквата деградација на живеењето во станбени населби со индивидуални куќи поради недоволно промислени или половични решенија во делови од градот блиску до нив, е недозволиво, велат од иницијативата.

Ангел Карапетров од советничката група на ВМРО ДПМНЕ во Совет на Општина Тетово, партијата која е дел од мнозинството заедно со партијата Движење Беса на градоначалникот Биљал Касами изјави дека нема да поддржат изградба на катна гаража во Ајдучко маало.

-Шпекулација или нечија неостварлива налудничава желба е да гради катна гаража на постоечко детско игралиште и единствен парк во Ајдучко маало. Ние, како советници на ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржиме такво нешто.  Ние, секогаш ќе бидеме со граѓаните и нивните потреби. Ние, советниците на ВМРО-ДПМНЕ може да реновираме детски игралишта, но не и да уништуваме, изјави Ангел Карапетров.

Иницијативата реагираше и пред неколку дена кога во урбан блок 37 се исекоа дрвја и зеленило за нов паркинг простор, како и за пресечените дрвја при реконструкција на неколку улици.

Иницијативата „Тетово сака парк“ од февруари годинава ја покрена идејата градот да добие парк. Во Тетово не постои површина поголема од еден хектар со таква намена, а што е минимална за едно подрачје да се нарече парк. Идејата предвидува градски парк на површина од 16 хектари, да опфаќа четири урбани блокови за што е потребно да се измени Генералниот урбанистички план за два од нив и да им се додели намена за зеленило, рекреација и меморијални простори.