„Тесно“ во Куманово: Димитриевски со 22 гласа пред Илиевски

159

Актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, води пред кандидатот на СДСМ Оливер Илиевски за 22 гласа, согласно последната промена направена од Државната изборна комисија (ДИК).

ДИК ги објави резултатите од 100% од гласовите.

Двајцата добиле по 32 отсто од гласовите. Димитриевски е во блага предност со 32,79 отсто од гласовите на оние кои вчера излегоа на гласање, односно за него гласале вкупно 15.164 кумановци. За Илиевски гласале 32,74 отсто од граѓаните, односно добил 15.142 гласа.

Во Куманово ќе има втор круг за избор на градоначалник во кој граѓаните ќе избираат меѓу Димитриевски и Илиевски.

Кандидатот на ВМРО – ДПМНЕ за градоначалник на Куманово, Тони Михајловски, освои 8.567 гласови или 18,56 отсто од вкупниот број гласови. Кандидатот на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Беким Салиу освои 4.254 гласа или 9,21 отсто, а најмалку гласови во Куманово освои кандидатката на ЛДП и ДОМ, Теодора Димитровска. За неа гласале 1.026 кумановци, односно добила 2,22 отсто од гласовите на граѓаните кои излегле на гласање.