Тереза преку ВЕЧЕР праќа искрена порака со која ги охрабрува своите обожаватели во Македонија да бидат дисциплинирани и трпеливи!

Легендарната поранешна југословенска музичка ѕвезда, Тереза Кесовија која и до денешен ден не изгуби ништо од своето значење на естрадната сцена е исто така во изолација. Дома во Загреб, во градот кој пред десетина дена беше погоден од силен потрес, славната пејачка безгрижно ги поминува деновите. Но, навистина колку може да е сосема безгрижна? – Ма, далеку од тоа дека сум безгрижна. На целата оваа ситуација се случи и тој одвратен потрес во кој станот на мојот син и мојата снаа е прилично уништен, па сега сето тоа ќе мораат да го реновираат. Важно е дека останале живи! И, јас сум гледате жива, а малку фалеше и да не бидам. Господ ме чува! Уште некаде пред Нова година, пред да тргне во Европа хаосот со коронавирусот имав страшно воспаление на белите дробови. Останав и во болница и одвај извлеков жива глава, објаснува Тереза. Таа вели дека сега е во одлична и физичка и психичка сосотојба, а за да биде сосема спокојна направила и тест на коронавирусот.

– Морав бидејќи сакав да бидам начисто со моите бели дробови. На клиниката за инфективни болести ги направив сите можни испитувања кај докторката Алемка Маркотиќ. А, кога таа вели дека сите резултати ми се одлични јас сега немам од што да стравувам. Навистина бев исплашена, бидејќи долго време влечев некоја бактерија поради која честопати добивав и температура. Сепак, не е време за плачење и кукумјавчење, да му се радуваме на животот. Чувајте се, не излегувајте од дома. Јас тоа ви го наредувам! А, и каде ќе одите? Се е затворено ништо не работи, освен аптеките и маркетите…. коментира Тереза која и по дома одржува физичка кондиција, возејќи го собниот точак кој го има ставено пред малиот екран, па додека вози гледа и омилени тв-емисии. Таа воедно преку ВЕЧЕР праќа искрена порака со која ги охрабрува своите обожаватели во Македонија да бидат дисциплинирани и трпеливи, бидејќи само така можеме да се одбраниме од оваа чума. (Дуле М.) фото:фб