Може ли нападот врз секретарот на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, да биде повод за нова бугарска рампа за македонските евроинтеграции? Наспроти избрзаните оценки за случајот без да се чекаат резултатите од истрагата и тврдењата на аналитичарите дека ваквите инциденти не треба да влијаат врз соработката на двете држави, се појавија темни облаци од Софија.  Бугарија во меѓувреме го повика на консултации во Софија својот амбасадор во Македонија, Ангел Ангелов, а бугарскиот шеф на дипломатијата Николај Милков на состанок со колегите ЕУ во Брисел рече дека се надева оти Бугарија нема повторно да стави вето за преговорите на Македонија со ЕУ. И претседателот Стево Пендаровски се надева дека нема да има нова бугарска блокада на патот кон Брисел, бидејќи смета дека нема ниту една основа за тоа.

Новата бура во македонско-бугарските не беше доволна причина за првиот човек на Собранието, Талат Џафери, да свика седница за отчет на министерот за надворешни работи Бујар Османи на таа тема. Џафери денеска рече дека нема потреба од вакво нешто.

Ни бугарските пратеници не дебатираа денеска за односите со Македонија, по нападот врз бугарски државјанин во Охрид, како што беше најавено, поради отсуство на министерот за надворешни работи Николај Милков.

Потпретседателот на бугарското Собрание, Кристијан Вигенин, ја искористи можноста за нова бугарска лекција кон македонските политичари и партии и ги повика да се воздржат од изјави кои не ги решаваат проблемите.

– Ги повикуваме властите во Северна Македонија, како и водечките политичари и партии, да се воздржат од изјави и постапки кои не водат кон решавање на проблемите, туку до неприфатлива ескалација, која долгорочно може да го влоши дијалогот меѓу двете земји, изјави Вигенин, кој е потпретседател на Бугарската социјалистичка партија (БСП).

Тој најави дека неговата партија ќе инсистира за инцидентот од четвртокот во Охрид да бидат информирани Советот на Европа и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

Расправата, иницирана од националистичката партија Преродба и на собраниската Комисија за политики за Бугарите во странство, беше одложена затоа што на седница не дојде шефот на бугарската дипломатија Николај Милков, поради, како што беше соопштено, службено патување надвор од државата.

Милков, вчера, во обраќање на состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ во Брисел, како што соопшти бугарското МНР, ги информирал своите колеги „за влошената состојба во Република Северна Македонија во однос на граѓаните на земјата со бугарско национално чувство“, со акцент на „тешкиот инцидент со претепувањето на Кристијан Пендиков во Охрид“. Милков, притоа, изразил жалење што овој „сериозен инцидент е дел од повеќето слични настани во последните месеци со антибугарски карактер“, додавајќи дека се надева оти нема Бугарија повторно да стави вето за преговорите на Македонија со ЕУ.

Шефот на државата Стево Пендаровски, пак, вчера по завршувањето на седницата на Советот за безбедност, на која се разговараше за најновиот развој на настаните во односите се Бугарија, истакна дека не гледа ниту една основа за ново вето од Софија.

– Не можам да знам што ќе направи бугарската страна. Секоја држава суверено, автономно ги носи своите одлуки. Иако, да бидам искрен, не гледам ниту една основа за ново вето. Значи, не можам да знам. Мислам дека нема. Се надевам дека нема да одат во таа насока, бидејќи повторувам ова што го зборувам го знаете сите. Знаете дека станува збор за провокатори кои тоа го прават, нагласи претседателот Пендаровски.

Тој најави дека Советот ќе предложи до Владата да се забрани влез во земјава на еден европратеник и неколку други лица, бидејќи постојат сомневања дека дека дел од овие лица се поврзани со руската разунавачка служба.

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ овој предлог е задоцнет, бидејќи ваквата забрана требала да следува веднаш по последните навреди кон Македонија и Македонците искажани од бугарски претставници на одбележувањето на 95-годишнината од смртта на Мара Бунева во Скопје.

Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, во врска со изјавата на Пендаровски дека ќе бара на Џамбаски да му се забрани влез во Македонија, смета дека Пендаровски сака да игра лош полицаец, а Османи добар полицаец, односно министерот Бујар Османи дозволува влез на вакви лица, а Пендаровски препорачува забрана, иако тој нема надлежност.

– Ќе очекував денот кога беа настаните на Џамбаски неговите настапи во кои ја негираше, Македонија, македонскиот народ и јазик, истиот ден да биде прогласен за персона нон грата, испратен до граница и да има реакција од МНР до Европскиот парламент. Ако имале вистинска намера можеле истиот ден да постапат. Со 10 дена задоцнување и кога Османи кажа дека не смета дека треба да се донесе таква одлука, ова е само замајување на јавноста, рече Андоновски.

Во врска со случајот со Пендиков во Охрид, Андоновски потенцира дека насилството не е решение, но власта наместо да дава политички изјави требаше да остави службите да го разрешат случајот.

Андоновски воедно посочи дека било срамно да се гледа како Османи во својство на министер не реагираше на навредите за Македонија изречени од неговиот бугарски колега Милков, по посетата на претепаниот Х.П. во Софија.

– Мислам дека вчера беше најтрагичниот ден, гледајќи го Бујар Османи како министер за надворешни се почувствував навредено и засрамено затоа што стоејќи до бугарскиот министер за надворешни работи тој немо стоеше кога тој кажа дека во Македонија постојат црни традиции  на насилство, убиства итн, така што мислам дека Османи тоа што остана и не прокоментира дека единствените црни петна во македонската историја поврзани со насилство е бугарскиот фашистички окупатор и неговиот престој во Втората светска војна. Црна традиција е бруталното тепање и мачење на Страшо Пинџур и Мирче Ацев каде што подлегнуваат на повредите, изјави Андоновски.

Според него, Османи „не ја брани агендата на Македонија, туку ја брани агендата на личен пиар, лично градење да може да си ја продолжи својата кариера во политиката“.

Претседателот Пендаровски додаде и дека се очекува на 4 февруари организирана група од Бугарија да пристигне во земјава на одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Групата, како што посочи Пендаровски, ќе има за цел нарушување на безбедноста и дестабилизација на земјата и на односите со Бугарија. Претседателот посочи дека ќе бидат преземени сите потребни безбедносни мерки од границата со Бугарија, сè до гробот на Гоце Делчев, во црквата „Свети Спас“, во Скопје.

Претседателот на Фондацијата „Македонија“, Виктор Стојанов, вчера се обиде овие изјави да ги прикаже како обид за забрана луѓето од Бугарија да се поклонат на гробот на револуционерот Георги Делчев, во Скопје, на 4 февруари.

„Претседателот на Македонија, Пендаровски, денеска пред Советот за национална безбедност на Република Македонија изјави дека „не смеело да им се дозволи на луѓето од Бугарија да ја преминат границата за да одат да се поклонат на гробот на Гоце Делчев“. Можам да ви кажам на сите – планирајте в сабота, на 4 февруари, да бидеме сите во Скопје и да се поклониме на гробот на бугарскиот национален револуционер Гоце Делчев!!! Оваа изјава на Пендаровски ги уништува нашите билатерални односи и е повеќе од непријателска кон Бугарија и Бугарите – ќе ни забранеше да се поклониме на гробот на Гоце на неговиот роденден!!!“, вели Стојанов во објавата.

Бугарскиот европратеникот Ангел Џамбаски, пак, вчера коментирајќи ја најавата на претседателот Пендаровски рече дека со „забрани за влез во земјата нема да се избрише вистината“ и продолжи со провокациите кон Македонија.

„Македонија била и е бугарска. Северна Македонија е нешто друго – тоа е заслуга на Тито. Со забрани за влез во земјата нема да ја избришете вистината“, објави Џамбаски на социјалните мрежи.

(И.С.)