Теохарис: Грчкиот туризам издржа, Халкидики e подготвен да пречека нови туристи

125

Грчкиот туризам издржа, изјави министерот за туризам на Грција, Харис Теохарис по дводневната посетата на Халкидики и оцени дека поради невремето немаше масовни заминувања, јави дописничката на МИА од Атина.

Теохарис вчера и денеска, оствари средби со претставници на туристички организации и на големи тур оператори на Халкидики, ги посети повредените во болниците и рече дека веднаш ќе се започне со специјална кампања за да се испрати порака до странските пазари „за издржливоста на грчкиот туризам и брзото враќање во нормала“. Во овие рамки веќе биле известени големи тур оператори и медиуми од странство за Халкидики како динамична туристичка дестинација.

По средбите, министерот за туризам на Грција, констатира дека пораките од странство се позитивни, а големите пазари реагирале смирено.

Пораката дека на Халкидики веќе не постојат проблеми и оние кои постоеја веќе се надминаа, Теохарис jа испрати и преку интервјуто за радиото „Практорио фм“ на грчката новинска агенција АНА-МПА.

– Не поминаа ни 24 часа и гледаме дека хотелите што се соочија со проблеми и штети, со паднати дрва и слично поради невремето, целосно се санирани и работат нормално. Грчкиот туризам се исправи, стои на нозе, а Халкидки е подготвен да ги прими оние кои ќе дојдат и секако да продолжи со гостопримството за оние кои што се веќе тука, посочи министерот за туризам во интервјуто за грчкото радио.