Тен Хаг не трпи будали, исто како Фергусон

1604

Френки де Јонг и неговата желба да остане во редовите на каталонскиот гигант Барселона и понатаму е една од главните теми кога е во прашање летниот преоден рок. Иако на неколку пати беше потенцирано дека холандскиот интернационалец сака да остане на „Ноу Камп“ каде што дојде во 2019 година од Ајакс за 85 мил. евра, британскиот таблоид „Дејли Мејл“ пишува дека големи се шансите на крајот да прифати промена на клупската средина.

Следна негова дестинација би требало да биде англискиот премиерлигаш Манчестер Јунајтед кој во новата сезона ќе биде менаџиран од Ерик тен Хаг. Двајцата се во одлични односи и затоа Де Јонг размислува за преселба на „Олд Трафорд“. Од друга страна, финансиската ситуација на Барселона е причина плус за продажбата на одличниот играч за врска кој има договор до 2026 година.

Фабрицио Романо, кој важи за најсигурен извор кога е во прашање пазарот на фудбалери веќе објави дека раководните лица на двата клуба се седнати на преговарачката маса.

  • Де Јонг сака да остане во Барселона и да игра во Лигата на шампиони, но големи се шансите да не се испочитува неговата желба и да биде продаден на Манчестер Јунајтед затоа што Барселона мора да ги реши финансиските проблеми, објави Романо.

„Дејли Мејл“ додава дека Де Јонг ќе биде продаден за околу 75 мил. евра.

  • Де Јонг има дадено зелено светло за договарање на трансферот во Јунајтед каде ќе биде дел од револуцијата на Тен Хаг, пишува британскиот медиум.

Јунајтед одработи уште една во низа разочарувачки сезони откако легендарниот сер Алекс Фергусон си замина од менаџерската позиција. Ангажманот на 52-годишниот холандски стручњак е дефиниран како пресврт во работата на клубот од Манчестер кој треба да биде и повеќе од активен за време на летниот преоден рок.

„The Sun“ пишува дека новиот менаџер веќе им испратил мејл на сите фудбалери во кој им открил што очекува од нив во новата сезона.

  • Новиот тренер на играчите од првиот тим им испрати мејл во кој им напиша дека фудбалот е тимска игра и дека ниту еден поединец не вреди повеќе од другиот поединец. Тен Хаг потенцира дека на прво место е тимот иако во Јунајтед има многу фудбалери кои се светска класа, пишува „The Sun“.
  • Тој сака играчите да тренираат со посилен интензитет, сака секоја активност да биде како да станува збор за официјален натпревар. На играчите им е кажано дека ќе бидат во животна форма доколку му дадат подршка и доколку ги прифатат неговите барања. Ако не ги прифатат, нема да бидат дел од првиот тим. Многу ќе се тренира, а тој кој нема да може да го следи тоа темпо, ќе биде заменет со помлад фудбалер, додава „The Sun“.

Освен со Де Јонг, холандскиот стручњак веќе има соработувано со Дони ван де Бек, кој беше дел од познатата школа на Ајакс, а изминатата сезона ја одработи како позајмен играч во дресот на Евертон.

Тен Хаг е опседнат со фудбалската игра, подготвен е да им даде подршка на играчите во секаква ситуација, но истите ќе бидат избркани од првиот тим ако не покажат лојалност.

  • Ќе биде малку како сер Алекс Фергусон. Нема да трпи будали, исто како што не трпеше Фергусон, пишува „The Sun“.