Тенорот Благој Нацоски пред настапот во Рим: Ти благодарам Шуберт за задоволството што ми го пружаш

389

“Културата, а пред сè музиката, не претставува само средство за забава, напротив, таа е битна за едно спиритуално издигнување на човекот. Само спиритуално возвишените луѓе можат позитивно да придонесат за општеството во кое живеат. Овие нешта треба да ги впијат во главите, пред сè политичарите, ако имаат капацитет за тоа“, вели во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, македонскиот тенор Благој Нацоски. Тој на 26 јануари ќе дебитира во Рим со циклусот „Убавата воденичарка“ од Франц Шуберт

Велат сите патишта водат кон Рим, а токму во овој град на 26 јануари имате закажано концерт. Какво значење има овој настап за Вас?

Најпрвин, секој настап, односно враќање во вечниот град, каде што поминав 14 години од мојот живот, за мене претставува посебна возбуда. Тоа е градот на моите студии, на моите први пријателства во Италија, градот каде што ја започнав мојата кариера, град каде што имам своја верна публика. Сите овие елементи ја прават возбудата уште поголема, но, со прости зборови, едвај чекам да се случи концертот. Инаку, програмски тоа ќе биде едно деби за мене бидејќи првпат ќе го изведам циклусот „Убавата воденичарка“ од Франц Шуберт, по три години од моето деби во другиот познат Шубертов циклус „Зимско патување“. Овие два циклуса се најпознати од неговото творештво, но истовремено и едни од најпознатите и најважните циклуси за глас и пијано од целата светска музичка литература. За мене претставуваа еден сон уште од студентски денови, но и двата циклуси бараат една зрелост, како уметничка, музичка и вокална така и животна, со цел да бидат изведени што поуспешно. Токму утрово при интервју за едно швајцарско радио бев прашан кој од двата циклуса повеќе ми се допаѓа и кажав  дека веројатно одговорот на ова прашање ќе го имам од кога ќе го изведам „Убавата воденичарка“ барем онолку пати колку што го имам изведено „Зимско патување“. Во моментов можам само да кажам „ти благодарам Шуберт за ова задоволство што им го пружаш на моите гласни жици и на мојата душа“.

Веднаш по Рим, претпоставувам следуваат нови настапи. Што би издвоиле како особено атрактивно и ново за публиката?

Најискрено не знам како ќе постигнам сето она што ми следи во следниот период. Имено, и покрај концертот во недела во Рим, јас веќе сум ангажиран и работам со полна пареа на нова продукција на операта „Адријана Лекуврер“ во театарот Карло Феличе во Џенова. Веднаш потоа заминувам еден месец за Палермо, каде што во театарот „Масимо“ ќе пеам во Вердиевиот „Набуко“ со осум претстави, веднаш потоа еден месец во театарот „Верди“ во Трст, каде што ќе ја дебитирам улогата на Арлекин во „Паљачи“ со шест претстави. Во јуни турнеја во Јапонија со оперите „Набуко“ и „Норма“ и во преговори сум за уште една опера во мај, како и целовечерен концерт.

Настапувавте насекаде во светот, но кога би можеле да избирате каде да живеете и да работите, кој град би го избрале: Рим, Њујорк или Токио?

Да работам, иако повеќе би го избрал зборот настапувам, за Њујорк и Токио немам никаква дилема. Двата града ми имаат дадено многу на професионален план, особено Токио, а меѓу другото таму и настапувам минимум еднаш годишно. Њујорк ме плени со неговото космополитско и воопшто американскиот начин на работа, нивниот професионализам е прекрасен. Никогаш не би ја одбил Америка, таму трудот се цени максимално. Токио, пак, освен со перфектната организираност на Јапонците ме плени и со нивната култура, едукација, однос, респект, кујна итн. Секое мое гостување во Јапонија ми ја облагородува душата и ме полни со позитивна енергија. За Рим, пак, не би имал што друго да додадам од пред малку кажаното.

Кога вашите фанови ќе може да ве видат повторно во Скопје и дали ја следите ситуацијата со културата во Македонија. Каков е Вашиот коментар?

Намерно испуштив еден дел кога зборував за моите идни планови пред малку, токму за да ги најавам моите следни настапи во Македонија. Имено, кон крајот на април ќе настапам на Деновите на Македонска Музика со еден целовечерен концерт, а веројатно ќе се случи и уште еден концерт кој е во преговори. Потоа во мај, ќе настапам еднаш, а можеби и два пати на „Мајските оперски вечери“.

Што се однесува до состојбите со културата во Македонија, тие се на сосема незадоволително ниво и одат надолу така што потребно е да се направи веднаш еден пресек за да се стопира оваа тенденција. За поздрав е конечното потпишување на колективниот договор во културата, за кој и јас дадов придонес со мои сугестии, но тоа не е доволно. Видете, културата, а пред сè музиката, не претставува само средство за забава, напротив, таа е битна за едно спиритуално издигнување на човекот. Само спиритуални возвишените луѓе можат позитивно да придонесат за општеството во кое живеат. Овие нешта треба да ги впијат во главите пред сè политичарите ако имаат капацитет за тоа.

Со оглед дека имате богата и успешна кариера на оперски пејач, дали постои нешто за што жалите, што сте можеле да го направите до сега а не сте, и на професионален и на личен план?

Сигурно има нешта што би ги направил поинаку ако се вратам назад, говорејќи за мојот професионален пат. Немам направено некои крупни грешки, но можеби би кажал неколку НЕ за неколку понуди од минатото како и некое ДА за некои нешта што сум ги одбил. Од личен план, пак, мислам дека не би изменил ништо. Во секој случај среќен сум што ниту еднаш во oвие мои 17 години меѓународна кариера не сум прифатил ниту еден компромис, за ништо и по никоја цена.

ВО ЏЕНОВА ЖИВЕАМ ВО ИСТОРИСКИ ОБЈЕКТ ОД 1.200 ГОДИНА

 Со оглед дека постојано патувате и најголем дел од времето го поминувате во пат кон дестинациите на кои настапувате, каде што во моментот живете и работите?

Моето живеалиште веќе осма година е во градот Џенова, четврти по големина во Италија со димензии слични на Скопје. Веројатно имав потреба од град кој што е голем колку мојот роден град, а истовремено и покрај тоа што го сметам за најубав град на светот, Рим и неговата хаотичност ме заморија. Во Џенова живеам непосредно покрај морето во историски објект од 1.200 година. На пример во мојот стан на ѕидовите во салонот има автентични фрески и како уметник, а и воопшто љубител на уметноста кога сум дома (иако ретко) се хранам душевно. Што се однесува до тоа каде работам, одговорот буквално гласи – насекаде. Не постои едно место кое можам да го наречам мое работно место. Секако, има театри, односно градови, земји, каде што се враќам почесто и со поголемо задоволство на сметка на други. (Д.Т.)