“Универзална сала“ е папакот на Скопје! Во неа се спомените на сите нас. Таа е споменикот на град Скопје. За нејзиното уривање сепак ќе мора пред тоа да има народен референдум….велат познатите

(Дуле Миќиќ)

Скопската “Универзална сала“ деновиве по изјавата на градскиот татко Петре Шилегов дека ќе се урива, дека го има ислужено своето и ќе се гради нова на некоја друга локација (се спомнува просторот зад хотелот “Александар Палас“), повторно жестоко ја разбранува севкупната македонска јавност.Особено емотивно реагираат познатите личности кои на овој или оној начин или таму настапувале или таму биле дел од многубројни концерти, фестивали, приредби, промоции….На сцената под рефлекторите на овој значаен објект имавме можност во сите тие изминатите години да ги видиме скоро сите светски и домашни ѕвезди од естрадата, музиката и културата.За нив “Универзалан сала“ во Скопје беше знак на препознавање и омилено место за концерт и дружење со публиката, како “Лисински“ за Загреб или “Олимпија“ за Париз….Еве што на оваа тема за дилема велат некои наши познати личности:

Дарио Панковски, пејач: “Треба да се урне, а на тоа место да се изгради нова.Некоја модерна и поголема, вистинска концертна сала.На Скопје очајно му фали концертна, а не спортска сала. Да биде со околу 3.000 места што е оптимален капацитет.А, еден дел од салата да се претвори во Музеј со стари фотографии од настапите на голем број музичари “

Мирјана Василева, тв-новинар:“Секако дека не треба да се урива. Ова е култно место како што е “Лисински“ за Загреб или “Дом синдиката“ и “Пионир“ за Белград. Но ако одлучиле, тие ќе ја урнат! Треба да се слушне гласот на народот. За жал никој надлежен од градот во “Универзална“ ниту еден клинец нема ставено“.

Огнен Недолковски, драматург и текстописец:“ Мое мислење е дека “Универзална сала“ треба темелно да се реновира или обнови, а никако не треба да се урива. Во неа се спомените на сите нас. Детските новогодишни претстави за кои сценарија пишуваше татко ми, за сите изданија на “Златно славејче“, безброј концерти меѓу кои и 5-те на Тоше Проески….Сите мои успеси како автор се поврзани со оваа сала. Јас ниедна друга сала во Скопје никогаш не засакав. “Универзалната сала“ имаше душа и големо значење за многу генерации. Тоа не смее да се заборави. Мислам дека градските власти ќе имаат слух и ќе најдат соодветно решение да не го уништат ова култно место. Тука нема место за политика. “Универзалната сала“ е поголема од сите нас заедно. “

Сашо Каимовски-Панки, пејач: “Не треба да се урива. Потребно е само нејзиното максимално реновирање. Тоа е култно место, моите колеги музичари од странство Скопје го препознаваат по “Универзална сала“, во неа настапувале и од неа носат прекрасни спомени. Се убаво што имаме, ние сакаме да го уништиме. Зошто? Нека се изјасни народот“.

Нико Сребров, музичар:“Не треба да се урива. Тоа е место за кое ме врзуваат многубројни спомени, уште од времето кога бев дете и кога одев и на “Златно славејче“,а потоа и на многубројните настапи на мојата мама Вики Среброва.Странците ја сакаат, а ние сега ќе ја уриваме. Страшно!“

Марија Таушанска-Анастасовска, музички новинар:“ Навистина се средиле, само уште “Универзална сала“ остана да ја збришат! Имате ли вие луѓе спомени, почит, желба да се сочува нешто убаво, кое било дел од многу животи или тотално ви е сеедно за се ?! Па само за акустиката и за амбинетот на таа сала треба да се учи на факултетите, а да не зборувам за тоа дека е подарок на разурнатото Скопје од земјотресот… Оној кој гази се што е свето, како се вика?! Ах да заборавив, имињата ви се слаба точка, или ги мешате, или ги заборавате, грешите или ги бришете… “

Љубчо Алексовски, музички новинар (во пензија): “Лесно уривавме и во минатото објекти кои беа дел од нашата колективна меморија.Се нема осет за традицијата“!.

Трајче Јованов, музички новинар од Штип: “Требаше целосно да ја реконструираат, Во суштина сакав да остане решението такво какво што е , не од овие божем модернистички решенија.Една од причините е што таа е подарок , по земјотресот.Со текот на годините стана знак за распознавање на Скопје на Македонија.Огромен број на концерти од секаков вид, фестивали, театарски претстави и слично се случувале на нејзината сцена.Малку се зачудив кога прочитав дека ќе биде урната и тој простор ќе бил зелена површина,па со оглед на досегашните искуства со градежната мафија,  зелената површина за кусо време дa прерасне во градилиште.Досега сите надлежни во Скопје да заковеа по некоја шајка, да удреа по некоја четка боја, да го закрепеа ентериерот салата до денеска ќе беше функционална.Сега откако го нема и сајмиштето, Скопје ако остане и без “Универзална сала“, губи од неговите симболи.“

Ѓоко Ѓорчев, пејач:“ Јас сум сентаментално врзан со “Универзална“. Во неа го направив својот прв солистички концерт. И на нејзината сцена бев прогласен и за “Пејач на годината“. Само да се комплетно реновира и да не се урива.

Блага Петреска, пејачка:Живеам до самата “Универзална сала“ и таа на срце ми лежи. Сите концерти, сите настапи на моите колеги и на колегите од странство ги одгледав. Настапував и на фестивалите кои се одржувале во неа, добивав многу награди. Таа е споменикот на град Скопје. За нејзиното уривање ќе мора пред тоа да има народен референдум, не може еден човек да одлучи во нашето име. Но да нема забуна, ова е мое мислење, а дали сум во право или не, времето ќе покаже“.

Миро Кацаров, естраден новинар: “Зошто да не се урива? Ќе се изгради нова, најмодерна, најграндиозна на Балканот. Далеку поубава од оние во Загреб и Белград или Софија. И на нова локација ќе биде. Верувајте, Градоначалникот има одлична идеја заедно со архитектите.“

Вера Јанковиќ, ди-џеј:“Универзална сала“ е папакот на Скопје!Магична форма со непроценлива вредност.Овој град не заслужува уште еден удар, ако се случи. Овој Скопје нема да го издржи“.

Серафина Фантаузо, оперска и поп пејачка:“Да не ја пипнат “Универзална“! Можат само да ја реновираат.Таа сала е белег и на сите наши културни манифестации меѓу кои и “Мајски оперски вечери“. Во неа имаше и многу хуманитарни концерти. Тоа е време на една младост. Треба да ја чуваме “Универзална“ да ја вратиме под итно во функција, а не да ја уриваме“

Војче Китановски, хуморист:“Уште поубава, најубава да се изгради. Оваа нема место за паркирање, а и многу стара е веќе. Мора да се или комплетно реновира или да се гради на некоја друга соодветна локација, зошто да не?“