Тевдовски: Имплементиравме најмногу препораки на ЕК за економски реформи

58

Министерот за финансии Драган Тевдовски, кој во Љубљана учествува на конференцијата „Кон подобрени структурни реформи и фискални рамки“, истакна дека Република Северна Македонија е лидер меѓу земјите од регионот во спроведување на препораките на Европската комисија за реализирање на Програмата за економски реформи.

– Минатата 2018 година, имплементиравме најмногу препораки од сите земји аспиранти за влез во ЕУ. Лани бевме најдобри со 54,4 проценти реализација. Во моментов, процентот на реализација на договорените активности е 65 проценти. Уверени сме дека таквиот тренд ќе продолжи и во наредниот период и дека дијалогот со Европската комисија ќе биде поттик да дојдеме до најдобрите решенија за земјата, рекол Тевдовски.

На конференцијата, како што соопшти Министерството за финансии, било истакнато дека во процесот на пристапување кон ЕУ, економиите на земјите – аспиранти треба да станат доволно витални за да ги издржат конкурентните притисоци на единствениот пазар на ЕУ. Како најважни области кои треба да се зајакнат биле посочени економското управување, конкурентноста и трговијата, а клучни инструменти на политиката во овој процес се програмите за економски реформи, вклучувајќи ги структурните реформи, со цел да се поттикне растот и конкуренцијата, а истовремено да се обезбеди фискална дисциплина и одржливост.

Тевдовски се осврнал и на реализираните реформи во областа пензискиот систем, даноците, на спроведувањето на здрави фискални политики и на транспарентноста при трошењето на јавните пари. Нагласил дека јавниот долг е ставен под контрола и оти е зајакната фискалната дисциплина.

– Од 2008 до 2016 јавниот долг рапидно растеше – практично беше удвоен од 23,3 отсто на 48,8 отсто од БДП. На крајот на 2018 година, јавниот долг е на исто ниво со 2016 година. Затоа со право може да кажеме дека ако порано сме имале брзорастечки јавен долг – вон контрола, сега тој е стабилизиран и е под контрола, посочил Тевдовски.

На панелот на кој учествува Тевдовски, присутни се и министерот за здравство на Црна Гора, Кенан Храповиќ, заменик министер за финансии и економија на Албанија, Ерјон Лучи, координаторот за Програмите за економски реформи на Босна и Херцеговина, Зоран Жељко и Ирена Дрмеж од Министерството за финансии на Словенија. Воведничар е Андреас Пападопулос од Генералниот директорат на ЕК за проширување.

Подготовката на Програмата за економски развој е координирана од страна на Министерството за финансии, а се доставува до ЕК по нејзиното усвојување, најдоцна до 31 јануари. Потоа таа се оценува преку оценски мисии во земјата од страна на ЕК, Европската централна банка и Еуростат, по што започнува дијалог во рамки на Советот на ЕУ. Процесот завршува со донесување заеднички заклучоци врз основа на оцената на Програмата за економски реформи и се даваат препораки за подобрување на макроекономската политика на земјата, управувањето со јавните финансии и квалитетот на структурните реформи.