Театар: „Чудесна терапија“- за недостигот на комуникација

26

„Чудесна терапија“ е претставата која по текст на австрискиот автор Даниел Глатауер и во режија на Димче Николовски,  на 26 февруари од 20 часот ќе се изведе во Драмскиот театар-Скопје.

Осумдесетминутната претстава со тројца актери (Соња Стамболџиоска во ликот на психотерапевт и Маја Вељковиќ-Пановска и Предраг Павловски – во улога на брачна двојка) раскажува за многу нарушена комуникација и недоразбирање меѓу маж и жена. Тие одат на брачно советување – терапија која добива чудесни размери.

„Тоа е претстава за комуникацијата, поточно за недостигот на комуникација меѓу луѓето. Тој проблем е корен на многу војни, вистински војни, а денес тој проблем многу нè допира со напредната технологија и оддалечувањето на луѓето. Претставата се занимава со потребата од чиста и искрена комуникација како предуслов за една среќна врска“, вели режисерот Николовски.