Театар: „Касета“ – тинејџерска претстава со метал музика

111

„Касета“ според истоимената драма на шведскиот автор Денис Магнусон, а во режија на Бесфорт Идризи е младинско-тинејџерска претстава која публиката може да ја види на 22 јануари, во 20 часот во Театарот за деца и младинци.

Според режисерот Идризи, претставата говори за една млада девојка која е во години на тинејџерство и бунт, кога мисли дека нејзините родители се најздодевните луѓе на светот, кои не можат да ја сфатат и со кои не може да комуницира. „Приказната говори за односот помеѓу ќерката и таткото, за начинот како тие се справуваат и колку можат да живеат заедно и да комуницираат, а тоа претставено преку една добра, металска музика. Тува (ќерката) ќе најде една касета на таван, а потоа ќе го открие бендот ‘Горбар’, кој пак ќе ја спои со татко ѝ“, додава Идризи посочувајќи дека во претставата има металска музика што е нешто ново, особено за детски и младински претстави во нашите театри.

Во претставата настапуваат Наташа Петровиќ (како Тува), како и Мики Анчевски, Симона Спировска, Винета Дамческа Мојаноска, Мартин Јорданоски, Ненад Митевски. Сценографијата е на Енес Деари, костимографија на Роза Трајческа Ристовска, а автор на музиката е Игор Василев.

Претставата е наменета за возраст од 12 години па нагоре.