„Театарски и танцови постери (студенти во акција)“ е наслов на безвучната дигитална изложба на „Јутјуб“, која произлезе од соработката на Македонскиот центар на ИТИ/ПРОДУКЦИЈА и студентите од прва и втора година моден, графички дизајн и ентериер на Факултетот за арт и дизајн, Европски универзитет, Скопје.  Изложбата е дел од дигиталниот триптих во продукција на Центарот.

На тема Светскиот ден на театарот – 27 Март и Меѓународниот ден на танцот – 29 Април, студентите истражуваа и направија свои плакатни видувања/ликовни интерпретации за танцот и театарот, користејќи естетика и композиција на дигитален цртеж и адоб софтвери, конвертирани во ПДФ и ЈПГ формат. Таа е своевидна најава на е-книгата во издание на Центарот, а ќе излезе од е-печат во текот на овој месец. Автори се студентите: Марија Петровска, Алба Стафаи, Меланија Георгиевска, Азра Камбери, Кристина Лалева, Мариго Антов, Стефанија Фидановска, Афра Кахреман, Марко Милетиќ, Артина Домазет, Фазиле Халили. Дигитален куратор е Иванка Апостолова Баскар, визитинг професор по Историја на уметност и дизајн, ФАД/ЕУРМ). Соработник е Гордана Вренцоска (декан, ФАД/ЕУРМ), а монтажата е на Михаило Апостолов.

Дигиталниот изложбен триптих инаку, е дел од годишната програма „Сирота мала богата драма – Успонот и падот на драмата 2020“, трет и последен дел од овој тематски циклус, поддржан од  Министерството за култура.

 

 

Публиката ќе може да ја погледне и безвучната дигитална изложба „Сценографија Скопје“ со дигитални фотографии на германскиот театарски фотограф Јан Папелбаум кој во 2019 беше во Скопје, како гостин ментор на сценографската работилница „Преведување на визуелната драматургија“, поддржана од Гете институт Скопје. Тој низ Скопје, откриваше локации и урбани композиции со сценографски потенцијал и драмска визуелност (перспектива на сценографот за едно поинакво видување на нашиот град).

Третата безвучна дигитална изложба е „Преведување на визуелната драматургија“, сценографски елаборати на учесниците на работилницата на Пепелбаум кои претставуваат ликовно-драматуршка визија на темите и драмските тензии во драмите „Кавкаски круг со креда“, „Дивата патка“ и „Мило за драго“, замислени во алтернативни локации како скејт игралиште, градилиште, горниот кат на ГТЦ, напуштена чекална на Железничката станица, мобилна опера…)“ .

Дигиталните изложби се на англиски јазик, за поголема меѓународна видливост и достапност.