Театарот на Навигаторот Цветко и Кино Култура: Отворен повик за режисери и студенти по режија

97

Театарот на Навигаторот Цветко и Кино Култура организираат трета серија мајсторски работилници водена од Иван Поповски – „Конфликт!“. „Мајсторски работилници за актери и режисери 2“ се организира веќе две години и е ретка можност младите режисери и студенти да работат и учат заедно со режисерот Иван Поповски.

На работилницата, како што соопшти Кино Култура, можат да се пријават професионални, дипломирани режисери или студенти по театарска режија. „Работилницата ќе се одвива на платформата „Зум“, а пријавувањето е на е-маилот на kinokultura2015@gmail.com со име и презиме, година и класа на дипломирање или година и класа во која во моментов студирате“, појаснуваат од Кино Култура.

Иван Поповски е македонски режисер со руска „школа“, кој живее и работи во Москва повеќе од две децении. Негови претстави во театарот „Мастерскаја П. Н. Фоменко” се: „Авантура“ од М. Цветаева (1991), „Балаганчик“ според А. Блок (Москва/Париз 1994), „Отровната туника“ од Н. Гумиљов (2002), „Носорог“ од Е. Јонеско (2006), „Алиса зад огледалото“ според Л. Керол (2010) и „Сон на летната ноќ“ од В. Шекспир (2015), „Моли Свини“ (2020). Во поново време, Поповски го постави „Идиот“ од Ф. Достоевски во ЗКМ во Загреб, Хрватска (2012), повторно операта „Евгениј Онегин“ од П.И. Чајковски во СНГ Марибор, Љубљана, а потоа и „Мртви души“ од Н. В. Гогољ, во Драмата на истиот театар во Марибор.

-Во земјава, тој досега ги има поставено претставите „Macedoine: Одисеја 2001“ (2001), – копродукција на Драмски театар Скопје, МНТ Скопје, Народен театар од Битола, фестивалите Охридско лето и МОТ. Со оваа претстава, премиерно одиграна на 12. 07. 2001 година, се отвори реставрираниот Антички театар во Охрид; „Дневникот на лудиот“ од Н.В. Гогољ (2001), независен проект на продукцијата на Бајруш Мјаку; „Мајсторот и Маргарита“ од М. Булгаков (2015) во МНТ Скопје. За своите врвни уметнички достигнувања, Иван Поповски низ годините беше наградуван со највисоки признанија: наградата на Московската секција критичари за најдобра претстава на годината „Врв на сезоната“ (1992), наградата за најдобра претстава вон конкуренција на фестивалот „Контакт“ (1993) и гран-при на фестивалот BITEF во Белград (1997) за претставата „Авантура“, гран-при на фестивалот „Сплитско лето“ за претставата „Роберто Зуко“ (2002), „Наградата на градот Москва во областа на литературата и уметноста“ (2009) во категоријата „Музичка уметност“, за создавањето на трилогијата „П.С. Мечтаења“, „Апсинт“ и „Четири годишни времиња“ во Театарот на Камбурова, потоа наградата „Кристална Турандот“ (2009), наградата „Музичко срце на театарот“ (2010), наградата „Златен Витез“ (2008, 2010). Иван Поповски е лауреат на Националната театарска награда „Златна Маска“ во номинација на „најдобра претстава од голем формат“ за претставата „Сон на летната ноќ“ (2016), се додава во соопштението.

Работилницата е дел од програмата „Мајсторски работилници за актери и режисери 2“ организирана од Театар на навигаторот Цветко, и проект просторот Кино Култура. Проектот е поддржан од Општина Центар, Град Скопје и Министерството за култура.