ТВ-2022: Наздравете за здравје, наздравете за секој ден! Уживајте пред ТВ-екраните!

398

Најпријатното новогодишно ТВ-изненадување доаѓа од националната Македонска телевизија. Но, нема да биде во лудата ноќ, туку ќе се стрпите до 1 јануари (сабота) кога во 21:15 премиерно ќе се прикажува филмскиот хит „Тома“, за кариерата и несреќниот живот на пејачот Тома Здравковиќ. Признаваме дека сме многу пријатно изненадени од потегот на МТВ, а не се сомневаме во тоа дека овој термин ќе има рекордна гледаност. Сепак, тоа не е сè од МТВ. Но, како е кај останатите телевизии?

(Дуле МИЌИЌ)

Македонските телевизии и за оваа Нова година, а со оглед дека сме и понатаму во пандемијата, направија сè што беше во нивната можност да создадат програма со која барем малку, колку што трае најлудата ноќ, на луѓето да им ги тргнат грижите и лошите мисли. Колку успеале во тоа, ќе видиме допрва според реакциите.
Но, општ впечаток е дека „топла вода“ не измислиле, па така и за пречекот на 2022 година сè е според утврдената „шема“: ред песна, ред хумор, ред смеа, ред вицови, ред чочеци, па голем огномет со трубачите на полноќ, честитки со кренати полни чаши вино, со најубави желби за здравје, љубов, среќа, успех, пари….

Најпријатното новогодишно ТВ-изненадување доаѓа од националната Македонска телевизија. Но, нема да биде во лудата ноќ, туку стрпете се до 1 јануари (сабота) кога во 21:15 премиерно ќе се прикажува филмскиот хит „Тома“, за кариерата и несреќниот живот на пејачот Тома Здравковиќ. Признаваме дека сме многу пријатно изненадени од потегот на МТВ, а не се сомневаме во тоа дека овој термин ќе има рекордна гледаност. Пред премиерата на филмот, љубителите на македонскиот фолк од 20.15 ќе уживаат во едночасовното новогодишно шоу “Чукај,чукај, срце“!
Но тоа не е сè од МТВ. Од оваа ТВ-куќа подготвија и голем број новогодишни музичко-хумористични емисии. Главниот акцент во петок навечер на 31 декември е ставен на омилената „Преспав“, која е снимена во новогодишно руво, со настапот и на многубројни македонски пејачи: Зуица Лазова, Викторија Лоба, Владо Јаневски, Тијана Дапчевиќ, а, со гледачите ќе пеат и самите актери: Васил Зафирчев, Игор Џамбазов, Јелена Јованова, Дритон Вејсели, Игор Ангелов…. Македонската телевизија и во наредните денови, не само за Нова година туку и за Божиќ ќе емитува богата програма.

Ќе го видиме меѓу другите и празничното издание на „Фолк џубокс“ пак со настапите на најпопуларните пејачи и нивните хитови. Нема сомнеж дека овој пат националната ТВ добро се организирала за празниците, а и со програмите за националностите. Секако дека тука се вбројува и оној традиционален Виенски новогодишен концерт „На убавиот син Дунав“, кој МТВ директно ќе го пренесува на програмата на 1. 1. 2022 од 11:15 часот. Секоја чест!
Телевизија Алфа е една од ретките приватни телевизии која има подготвено исклучително богата и разновидна Новогодишно-божиќна програма за сечиј вкус. Велат, умот да ти застане. Затоа, подготвувајте се, попуштете го погласно звукот на телевизорот и уживајте. Во студиото на музичката „Балкан Мјузик ТВ“ а, под палката на приватната продукција на Дејан Ѓорѓиев и неговото Арт-Студио Продакшн, се сними вистински шоу кое приличи за најлудата ноќ. Започнува некаде по 21 часот и ќе трае сè до некој час по полноќ. Џумбусот и врвното расположение го прават голем број пејачи, предводени од Благица Павловска, Миле Кузмановски, Стојне Николова, Адријана Кеш, Сања Ристеска, Анета Молика, Александар Терца Мишковски…..а, низ песната, свирката на трубачите и чочеците со танчарката ќе ве водат добро познатите Благоја Грујовски и Ирена Спировска. Истата програма ќе оди и на фрекфенцијата на “Балкан Мјузик ТВ“.

Телевизија Канал 5, според изјавата на програмскиот директор Марија Саздева ќе има со што да се истакне пред своите многубројни гледачи.
Тука се новогодишните изданија на омилените „Ѕвездите на Гранд“, „Никогаш не е доцна“, а со огледа на здравствените протоколи, малата но вредна домашна екипа беше задолжена за доброто расположение во најлудата ноќ. Тоа се: Сузана Гавазова, „Балкан бенд“ и познатиот балкански фолк-пејач Адил Максутовиќ (зетот на Џеј). Водителките ќе бидат Вера и Александра од „Здраво Македонија“, секако стокмени (облечени) светкаво-новогодишно. Нема да изостанат ниту празничните изданија од омилените емисии: „Манџа“, „Зевзек манија“, „Еден на еден“, „Голд карпет“…
Телевизија Сител засега најавува само Новогодишно издание на многу популарната „Мерак меана“, која ќе има посебен „дедомразовски“ шмек, се до утрински саати.

На гледачите им се препорачува и гламурозното Новогодишно ТВ-шоу на популарниот пејач Јордан Митев, во кое тој ги пее сите свои хитови во свечениот амбиент на празниците. – Шоуто е во мојата приватна продукција, снимено во приватното студио „Инфомедиа“, на моја радост и радост на мојата публика дома и во странство. Освен на ТВ Сител ќе се емитува на уште 20 македонски телевизии во деновите на празниците, вели секогаш добро расположениот Јордан со кој весникот ВЕЧЕР прв си ја подели празничната тв магија.

Од ТВ 24 нема најави за сопствената новогодишна ТВ-програма. Како што стојат работите, останува претпоставка дека ќе се снајдат со „коктел“ од популарни видео-спотови од забавната и народната музика. И тоа е нешто во ова време-невреме, отколку ништо. ТВ Сонце и оваа година може да се пофали со исклучителна новогодишна тв-емисија “Будење со Јулија“ која во празнично руво ја уреди и осмисли популарната Јулија Мациевска. Не пропуштајте!

Сè на сè, не жалете се доколку останете покрај малите екрани. Тука се и сармичките, руската салата, печено прасечко или пилешко, по некоја чашка од омиленото македонско вино, и секако песната, онаа најомилената која во самата полноќ гласно ќе заечи во нашите домови за да ни ја разгали душата: „За многу години Македонци…. Да ни е среќна, здрава, весела и поуспешна 2022 година….“