ТВОЈА партија изразува длабоко разочарување од одлуките на Регулаторна Комисија за Енергетика за зголемување на цената на електричната енергија за граѓаните особено во овие услови на пандемија каде што се загрозени сите области на економијата, со огромен ризик од зголемување на сиромаштијата кај населението.

Без потреба од потенцирање на фактот дека Македонија е една од најсиромашните држави во Европа, вакви одлуки имаат огромно влијание врз стандардот и квалитетот на живот на секој еден граѓанин.

Неизбежен е впечатокот дека на овој начин се гарантираат високите профити на големите енергетски компании кои ќе се плаќаат директно од џебот на граѓаните што во овие кризни услови сериозно ќе го зголеми раслојувањето во општеството: богатите стануваат уште побогати, сиромашните се посиромашни.

Овој наш став е поткрепен со фактот што самат РКЕ како основно образложение за зголемување на цената на електричната енергија го посочи намалениот профит на компаниите, и фактот дека и претходно РКЕ носела одлуки кои се во корист на големите компании а на директна штета на мали индивидуални потрошувачи, особено во делот на обновливи извори на енергија, се вели во соопштението.

Се чини дека на овој начин РКЕ наспроти надлежностите дефинирани во закон и посебната улога за заштита на граѓаните, работи во корист на мал слој кој управува со крупен капитал и служи исклучиво во негова заштита.

Овие односи ќе мора да бидат сериозно разгледани и променети во догледно време, бидејќи со вака поставени премиси на работењето, во Македонија се воспоставува неодржлив однос (кој во голема мера потсетува на неоколонијализам) во кој граѓаните плаќаат толку колку што ќе им се одреди, за сметка на огромни профити кои во голем дел се одлеваат во странство од страна на големите компании.

Ова не е начин да се гради здраво и конкурентно општество. Ова не е начин на споделување на товарот од кризата наметната од пандемија.

Како политичка партија се обврзуваме на работа врз овие предизвици и промена која конечно ќе биде во корист на сите граѓани наместо на вака поставениот систем на олигархија, се вели во соопштението од ТВОЈА партија.