ЗОШТО ГЕОЛОШКИТЕ ИСТРАЖУВАЊА НА КОЖУФ СЕ СТАВЕНИ ВО МИРУВАЊЕ?

 На Кожуф се наоѓа  единственото наоѓалиште на талиум во светот. Според  познати светски геолози, во рудникот Алшар се крие најчувана тајна на  човештвото, бидејќи во неговата утроба, наводно, се крие настанокот на космосот и на Сончевиот систем! Легендарната претскажувачка Баба Ванѓа, во едно свое претскажување предвидела дека Македонија ќе има финансиски проблеми сè додека не почне со работа рудникот Алшар,а потоа ја чека благосостојба и просперитет …

 

Геолошките истражувања и анализи за тоа што се крие во утробата на мистериозниот рудник Алшар, на локалитетот Мајдан, лоциран на планината Кожуф во моментов се во мирување. Изминативе години за геолошките истражувања на ретки минерали на овој локалитет концесија имаше компанија „Инфо груп“.

Поттик за овие анализи е што во минатото познати светски геолози овој рудник го нарекуваат најчувана тајна на нашата планета, бидејќи,  според нив, во неговата утроба, се криела тајната на настанокот на космосот и на Сончевиот систем! Научниците досега имаа утврдено дека Македонија зафаќа 0,017 % од вкупната светска територија, а поседува 3% од вкупното минерално богатство.

Како што информираат од компанија „Инфо груп“, за весникот „Вечер”,  по добивањето на дозволата за работа тие веднаш стартувале со анализи, при што во изминативе години се изготвени само примарните анализи, но заради актуелните состојби  во земјава тие се прекинати.

-Ги прекинавме нашите истражувања оти во овој момент нема услови за развој на овој бизнис. Да се овозможеше да се завршат овие истражувања, кои се комплексен процес, точно ќе се знае каква е состојбата со рудното богатство, односно кои се потенцијалите на овој локалитет – објаснуваат од компанијата.

Дека има ретки минерали во Алшар покажа и макотрпната работа на македонските научници кои во април 2015 година во рудникот пронајдоа нов минерал. Истражувачки тим беше предводен од професор Блажо Боев, кој по 23 години научно истражување открил нов вид на досега непознат минерал од групата на талиумските минерали. Се работи за 55. минерал на талиумот што претставува значајно откритие во фундаменталниот дел од науката. За да се реализира научната дејност, голема помош е добиена од Владата на РМ, која овозможи преку програмата да се обезбедат соодветни лаборатории.

Алшар е единственото светско наоѓалиште на талиум

Овој стар рудник бил во експлоатација до Втората светска војна, а потоа само истражуван. Во 60-тите години е утврдено дека во рудата на Алшар има присуство на антимон, арсен и талиум.

Според геолозите, од десетици регистрирани ретки кристали во светот, дури седум се во Алшар. Рудникот е познат и по лорандитот, кој директно потекнува од јадрото на Сонцето (неутрино тајна честичка), кој единствено од целата планета го има во Македонија.

Постојат сознанија дека можно е уште и на еден локалитет во Шри Ланка да го има минералот кој претставува најголема тајна на човештвото, бидејќи се претпоставува дека од него може да се добие вештачко сонце. Научниците објаснуваат дека лорандитот, исто така, претставува природен детектор на најситните честички на сонцето – неутрино, што значи дека единствено тој во експериментите во светските лаборатории може да ја препознае силината и моќта на реакциите на сонцето, односно минералот лорандит претставува најголема тајна на човештвото, оти се претпоставува дека од него може да се добие вештачко сонце. Истражувањата одат во таа насока што од конкретни реакции може да се добие таканаречено „вештачко сонце“, кое би ослободувало енергија за потребите на огромни територии. Научниците укажуваат дека Македонија зафаќа 0,017 % од вкупната светска територија, а поседува 3% од вкупното минерално богатство.

Алшар е единственото наоѓалиште на талиум во светот. Талиумот е цврст сив метал кој е токсичен. Тој се употребува во електронската индустрија и за изработка на стакло, но и како отров за глувци и инсектициди.

Мештаните од овој регион велат дека на двесте метри од Алшар има еден вечно зелен рид на кој не смее да стапне ниту човекова нога ниту преживари. Во земјата на ридот има талиум, отров многу поопасен и од арсенот кој ако се внесе во организмот го соборува секој крупен добиток што се напасува таму.

Лево од Алшар и од овој зелен рид се наоѓаат извори со топла вода, а наспроти нив, на крајот на селото Мајден, селаните експлоатираат некаков бел минерал со кого ги перат алиштата, ги мијат садовите и ги чистат сите простории во своите домови.

Со лорандитот Александар Македонски одел во победа

Во јавноста со децении кружат и неверојатни приказни за интересот на странските разузнавачки служби за Алшар. Тие сметаат дека со негова помош може да се прават експерименти за истражување на вселената што е во интерес на нивните вселенски програми.

Според нив, со употреба на лорандитот може да се регистрираат најстарите процеси во вселената, а се смета дека тоа се и испитувањата на процесот на радијацијата.

Како што велат преданијата, моќта на лорандитот прв ја открил Александар Македонски, при што се смета дека фалангата на Александар ги премачкувала своите штитови со лорандит.

– Во битките кои тој ги водел секогаш точно напладне и со движење на војската од запад кон исток се јавувал силен одблесок од штитовите кој ја заслепувал противничката војска. Затоа и не зачудува успехот на фалангата на Александар. Не е случајно ниту тоа што на штитовите на фалангата се наоѓало изгравирано познатото сонце од Кутлеш. Оттаму, можно е да потекнува и култот на Македонците кон Сонцето – сметаат македонските научници.

 Баба Ванѓа: Ако проработи Алшар, Македонија ја чека финансиски бум

Легендарната претскажувачка Баба Ванѓа во едно свое претскажување предвидела дека Македонија ќе има финансиски проблеми се додека не почне со работа рудникот Алшар. Познатата претскажувачка во 90-тите години на 20 век кажала дека нашата држава ќе биде во криза се до оној момент додека власта во земјата не го даде рудникот Алшар, кој е единствено наоѓалиште на талиум во светот.

Интересно е што Ванѓа во дел од нејзините предвидувања за милениумот пред нас, претскажала дека планетата Земја покрај познатото Сонце, ќе ја грее вештачко сонце, а според научниците токму со талиумот може да се дојде до неисцрпен извор на енергија.

Алшар низ историјата…

Геолозите утврдиле дека минерали од локалитетот по потекло од Алшар се наоѓаат и во археолошките остатоци на локалитетот Стоби.

За постоењето на рудникот пишани документи за првпат се среќаваат во турските дефтери кои датираат од 1481 година. Најголемиот подем рудникот го имал во 15 и 16 век, а во тој период овој регион се развил како рударски и бил познат не само на Балканот туку и пошироко.

Рударската населба Мајдан почнала да се формира од 1877 година. Во тој период рудникот бил даден под концесија на англиско-француска компанија со седиште во Солун. На крајот на 19 и почетокот на 20 век за првпат било откриено присуството на талиум во рудата. Во 80-тите години на минатиот век за лорандитот бил заинтересиран американскиот астрофизичар Мелвин Фридам. Тој ја истражувал употребата на талиумските минерали како детектор на неутрината по потекло од сонцето.

Во 1986 година, тогашната југословенска власт го почнала проектот „Лорекс“, во кој биле вклучени десетина научни институции од Словенија, Хрватска и Македонија. По распадот на СФРЈ, сите активности околу рудникот се запрени.

Минералите на Алшар со години на мета на крадците

Со години наназад рудникот бил на мета на дивите копачи, за што постојано се плетеле разни приказни. Староседелците велат дека и за време на војната тајно се копало во рудникот и навечер со возила се носело богатството.

Пред неколку години четворица Германци и двајца Унгарци се фатени како на диво копаат по македонските планини во потрага по разни рудни богатства. За среќа, тие навреме биле откриени и приведени од страна на МВР.

Шесттемина странски државјани биле приведени точно кај месноста Мајдан, а при претресот на возилата и багажот кој го пренесувале било утврдено дека кај нив имало околу 500 кг лорандит. Полицијата утврдила дека странските државјани своеволно рудата ја ископале и се обиделе да ја пренесат надвор од државата, иако оваа руда во Македонија е заштитена како природно богатство.

(В.Ма.)