“Јас на ФБ имам за пријатели само луѓе што лично ги познавам. Меѓу нив има многу новинари кои и не знам за кој сè портал пишуваат. Тие ми крадат, а секогаш сум била фер со нив. Срамота, за жал, ама тоа е. Нека им служи на чест”

Популарната македонска презентерка и поранешна наша убавица,Татјана Стојановска, деновиве од својот ФБ-профил крена голем прав и многу реакции околу тоа дали медиумите смеат, без да ја прашаат, да ѝ ги преземаат нејзините приватни фотографии и од тоа да си прават приказни, а поради кои таа станува ифрит лута. Под таа нејзина објава има секакви коментари од оние што ја поддржуваат Татјана советувајќи ја да ги тужи “крадците“, до оние кои ич не го одобруваат нејзиниот став велејќи и дека без причина си ја троши енергијата.

Мислењата се строго поделени. А, ние како вистински професионалци ја најдовме убавата презентерка и за весникот “Вечер“/vecer.press побаравме од неа коментар, со фотографииите кои таа ги одбра. Сè да си биде според “протоколот“, нели?

-Мојата професија е јавна и сосема го разбирам интересот на јавноста за приватниот живот на јавните личности. Естрадните магазини и забавните емисии, ток шоуата се посветени токму на тие јавни личности во кои тие откриваат и дел од својата приватност и сето тоа е забава за публиката. Јас сум 28 години јавна личност и досега сум имала секогаш коректен однос со новинарите и секако потполно ја разбирам и нивната обврска да го полнат медиумскиот простор со професионалните, но и приватните, активности на јавните личности.

Јас сум се согласувала да дадам интервју за пишаните и електронските медиуми и кога тоа можеби и не ми одговарало или ми создавало обврска, но сето тоа сум го правела и ќе го правам, почитувајќи ја професијата на новинарите и тоа што знам колку е тешко да се наполни медиумскиот простор.
Но со појавата на социјалните мрежи се случува нешто што не го оправдувам и сметам дека е спротивно на новинарските принципи, особено принципот на нарушување на приватноста на личноста. Станува збор за бескрупулозно земање на фотографии од приватни (само за пријатели) профили на Фејсбук и Инстаграм од страна на моите “пријатели” кои работат за портали и јавно ги објавуваат моите фотографии без моја дозвола.

Досега ја толерирав оваа појава, иако не ми било драго кога ќе видам моја приватна фотографија, буквално украдена од моите профили и објавена по портали, но сега решив да дадам акцент на ова прашање за да се стави ред во таа насока, изјави Татјана за весникот ВЕЧЕР.
Дуле М.