Ненад Периш, таткото на 27-годишниот Матеј Периш кој пред четири месеци исчезна во Белград, за Nova.rs потврди дека утрово од српската полиција бил известен дека е пронајдено тело во Дунав и дека се укажува на тоа дека станува збор за неговиот син.
„Утрово ми се јавија и ми кажаа дека низводно низ Дунав е пронајдено тело на млад човек и дека се укажува на тоа дека се работи за Матеј. По облеката, часовникот, се укажува дека станува збор за него. Ова е огромна болка за сите нас“ – вели таткото на исчезнатиот сплиќанец.
Иако се уште се чекаат официјалните резултати од обдукцијата, Ненад Периш со огромна тага вели дека од Белград очекува лоша вест.
„Цело време чекавме радосна вест, но вистината е таква каква што е. Им благодариме на сите што беа покрај нас изминативе месеци, ни помагаа и ни даваа поддршка. Јас деновиве ќе одам во Белград, но би ги замолил сите во овие моменти да не ослободат од притисок. Сето ова е исклучително тешко за целото наше семејство. Животот е непредвидлив, сите ние знаеме дека еден ден ќе мора да се разделиме. Матеј не го изживеа животот, имаше само 27 години, животот беше пред него. Колку и да е сега тешко и болно, ние еден ден повторно ќе се сретнеме и ќе се прегрнеме“ – со тага и болка вели таткото на исчезнатото момче.
Матеј Периш исчезна во Блеград ноќта меѓу 30 и 31 декември. Младиот сплиќанец излегол од клубот Готик каде бил заедно со своето друштво, на снимките од камерите беше забележано дека тој трчал некаде по улица, а последната трага беше на брегот на реката Сава. Во изминатите четири месеци траеше потрагата по младиот сплиќанец.