Тамара со голем успех во Турција – најдобра во Истанбул, на музичката манифестација „Best of Rumeli 2022″ – Честито, Тодевска!

712

Тамара со причина се пофали со многу фотографии, од кои се гледа дека таму била со мајка си Брана, со која си поминала одлично. Брана заминала во Истанбул за да ѝ биде максимална поддршка на ќерката. Заедно го славеле успехот наздравувајќи со шампањско во еден ексклузивен ресторан од каде што има фантастичен поглед на Босфор. – Време е да сум со мојата мила мајка, со мојата Брана, во прекрасниот Истанбул – порачува поп-пејачката за весникот ВЕЧЕР

 Дуле МИЌИЌ/фото:приватна архива

– Ова е уште една награда поради која сум особено горда и среќна. Благодарам „Best of Rumeli 2022″! Секое признание ми е важно, затоа што е потврда дека имаме наша квалитетна музика, која е препознаена и вреднувана и надвор од границите на Македонија.                                                                                                                Токму со овие зборови вчеравечер се обрати нашата популарна поп-пејачка Тамара Тодевска од Истанбул, каде што беше официјално прогласена за најдобар уметник (од Македонија). Таа настапи на фестивал што е специфичен по својот формат, а се одржува во Турција, на Босфор, секој октомври. На фестивалот настапуваат голем број балкански и европски музички ѕвезди. Оваа есен, честа да ја понесе оваа примамлива титула ѝ припадна на Македонката Тодевска.  На самата церемонија, во директен ТВ-пренос на турската телевизија, Тамара покажа и моден стил каков што прилега за една ваква музичка свеченост. Пејачката настапи во долга, црна тоалета со разголено рамо и, според многумина, впечатокот е фасцинантен! По доделувањето на наградите, на присутните гости, на публиката во салата и особено на турските новинарите, кои не ја испуштаа од вид, Тамара моќно им ја испеа евровизиската песна „Proud“. Иако многумина очекуваа дека ќе го испее својот најголем македонски хит – „Тажна љубов, среќна песна“, не се случи тоа. Сепак, и со „Proud“ доби громогласен, долготраен аплауз.

При своето музичко присуство во Истанбул, на Босфор, каде што голем број новинари ѝ го дадоа соодветниот мил прекар Жена од султана, веројатно испровоцирани од нејзиниот султански имиџ додека не беше на сцената (со марама преку главата), таа го поминуваше слободното време исклучиво со својата мајка Брана. А, мајка ѝ, како и секоја грижлива мајка, заминала во Истанбул за да ѝ биде максимална поддршка при доделувањето на наградата за најдобрата на „Best of Rumeli 2022″.

Тамара со причина се пофали со многу фотографии, од кои се гледа дека одлично си поминала со мајка си. Заедно го славеле успехот наздравувајќи со шампањско во еден ексклузивен ресторан од каде што има фантастичен поглед на прекрасниот Босфор. Пејачката емотивно порача дека поодамна не била така далеку заедно со мајка си, па овој продолжен викенд во Истанбул за неа бил како празник.

– Време е за мајка и ќерка во прекрасниот Истанбул. Со мојата мила Брана, мојата најголема среќа, мојата поддршка во сè, мајка на која секогаш ѝ се восхитувам – нежно порача популарната пејачка.

Веднаш се забележува дека Тамара ослабела и се разубавела. Таа се пофали дека во новиот имиџ со симнување на килограмите, „во пакет“, ја додава и новата тетоважа, која ја има направено пред да замине за Истанбул, кај својот омилен скопски тату-артист во познатото студио „MG Tattoo&Piercing Studio” во “Карпош”.

Тамара никогаш не била послаба, ниту поубава, коментираат нејзините фанови на социјалните мрежи. Таа веќе подолго време е „заглавена“ во вежбалница. Решена е да води здрав живот, со здрава исхрана и со активно вежбање. Воедно го „билда“ имунитетот за претстојната зима. И секако дека сега има „тело ремек-дело“, кое го посакуваше. А, и стилот на облекувањето ѝ е нов. Се гледа тоа дури од авион, дека одлично расположената пејачка максимално ужива во животот: во својот брак (со Александар Димитровски-Мачка), со своите дечиња, но и максимално во музичката кариера. Гордо го најавува своето претстојно учество на нејзиниот омилен македонски фестивал „Макфест“ во Штип, кој ќе се одржува на 21 и на 22 октомври.