Тамара брои ситно до настапот на Евровизија, желби за успех од сите страни

206

Тамара Тодевска, македонската претставничка на Евровизија 2019 која се одржува во Тел Авив, Израел, брои ситно до својот настап кој ќе се случи утревечер (16 мај) во рамките на второто полуфинале. Дали таа со својата песна “Горда” (Proud) ќе успее да стаса до финалето кое ќе се случи на 18 мај, допрва останува да видиме, но таа на својот фејсбук-профил постојано поставува слики и постови на кои потенцира дека е подготвена. Желбите за успех, пак, доаѓаат не само од домашните фанови кои пишуваат “Среќа, успех и многу радост да ни донесете, макар и во финале ќе биде доволно…“, туку и од странските.

“Имајте среќа и направете нè горди“ (Малена Бекиарис од Австралија), Франсоа Сантијаго испрати лајк со фотографија, а Ана Лоусон напиша “Најдобри. Се гордееме со вас“… Ова се само дел од поддршките кои доаѓа за македонската пејачка од сите страни на светот. Тамара деновиве дури доби и анимирана поддршка за својот настап од цртаните хероини, а за видеото кое претставува анимирана верзија од нејзината композиција, таа на својот Инстаграм му се заблагодари на Даниел Артевски.

Нејзината песна е своевидна химна за сите жени посветена на прифаќање на различностите, но самата вели дека е наменета за сите. Она што е сигурно е дека и песната и пораката се примени одлично во евровизиските кругови, ни останува само да очекуваме висок пласман.