Талибанците соопштија дека контролираат 90 проценти од границите на Авганистан, и тоа со Таџикистан, Узбекистан, Туркменистан и Иран.

„Под наша контрола се авганистанските граници со Таџикистан, Узбекистан, Туркменистан и Иран, околу 90 проценти од границите“, изјави за РИА Новости високиот талибански функционер Забихулах Муџахид.

Талибанците водат офанзива против авганистанските сили од мај додека меѓународните сили се повлекуваат од земјата, операција што треба да заврши до крајот на август. Во меѓувреме, тие окупираа големи рурални области, како и неколку клучни гранични премини и ги опколија големите градови.

Без клучна поддршка од САД, авганистанските сили даваат мал отпор.

Претходно во јули, талибанците тврдеа дека заземале 85 проценти од територијата на Авганистан, што владата го оспорува и не може да биде независно верификувано.

Талибанската офанзива ги загрижува пограничните земји, особено Таџикистан, кој со Авганистан има повеќе од 1.200 километри граница.

Вооружените сили на Таџикистан од денеска се во состојба на готовност, првпат по стекнувањето независност, за да ја проверат борбената готовност, соопшти претседателскиот кабинет.

Во соопштението се прецизира дека 100.000 офицери и војници на таџикистанската армија и 130.000 офицери и војници од резервата низ целата земја се ставени во состојба на готовност.

Претседателот пристигна во базата на Националната гарда по завршувањето на тричасовната операција наречена „Граница 2021“.

Проверката на борбената готовност опфати и 1.023 парчиња оружје, 3.167 моторни и специјални возила, 447 артилериско оружје, 234 противвоздушни системи и 45 воени и транспортни авиони и хеликоптери.

Обраќајќи им се на војниците, Рахмон истакна дека ситуацијата во Авганистан останува многу тензична и непредвидлива и дека во таа смисла на армијата, како и на другите служби, им е наредено да ја подигнат борбената готовност на највисоко ниво, со цел да се спречат реални и потенцијални закани и да се преземат соодветни мерки за итни случаи.