Талентираните ученици, средношколци и студенти на кои во развиениот свет им се посветува особено внимание, кај нас не добиваат доволно поддршка од државата за нивниот интерес кон одредена област да се развива и поттикнува. Тоа го мислат и самите професори кои работат со овие ученици.

– Во нашите училишта има ученици кои се заинтересирани за повеќе знаења во областа на природните науки кои се сметаат за „потешки“ и тој интерес треба да се поттикнува и развива. Но, работите со поттикнувањето и наградувањето на талентираните ученици кај нас се наопаку поставени, смета професор д-р Марина Стефова, шеф на Институтот за хемија при Природно-математички факултет и раководител на Секцијата во Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија.

Таа додава дека талентираните ученици и студенти треба да се поддржат со стипендии, но уште повеќе со обезбедување на услови за учење и истражување во напредни области.

– Проблемот тука е посериозен, бидејќи поддршката на научноистражувачката работа во последните десетина години не е меѓу националните приоритети и не се финансираат научноистражувачки проекти и научна инфраструктура, ниту на универзитетите, кои треба да се базата од каде што треба да се развива науката во една земја. За талентираните ученици и студенти треба да се достапни опремени лаборатории, главно на факултетите и институтите, каде ќе може да работат на истражувачки проекти според нивната возраст и интереси и да се развиваат во идни научници и двигатели на развојот на својата земја. За да се оствари тоа, образованието и науката треба да бидат приоритети на државата. Треба да се вложи во обновување на застарената инфраструктура во истражувачките лаборатории на факултетите и да се обезбеди истражувачки подмладок, бидејќи само така може да се придвижат работите кон подобро за сите – потенцира Стефова.

И Жарко Поп-Илиев од Стем академија која ги инспирира, ангажира и подготвува учениците за кариерите на 21 век, притоа овозможувајќи им да се справат со работните места, ситуации и технологии кои што се уште не постојат, смета дека е потребна систематска поддршка на талентираните ученици.

– Секако е потребно на ниво на институциите да се воведе посебно образование за талентираните ученици, каде што акцентот нема да биде ставен само на основните предмети туку и на јакнење на меките вистини, како што се критичко размислување, решавање на проблем и социјални вистини, изјави Поп-Илиев.

Од Министерство за образование и наука велат дека во насока на поддршка на талентираните ученици во државата се реализираат повеќе активности со кои се вреднува и стимулира нивниот труд и постигнати резултати, а воедно и законските прописи обезбедуваат низа права и можности за овие ученици.

– Во Законот за основно образование е предвидено талентираните ученици на предлог на одделенски наставник, односно одделенски раководител, а со одлука на Наставнички совет и со согласност од родителот, да можат да напредуваат и забрзано (но најмногу до два пати за време на школувањето), односно да преминат во наредно одделение. Понатаму, во овој закон е предвидено советот на наставници да изготвува посебна програма за работа со талентирани ученици. Во Законот за средното образование е предвидено ученикот кој во текот на образованието се истакнува со способности, знаења и работни навики и има  одличен успех да може побрзо да напредува, односно да заврши две години во текот на една учебна година – одговорија од Министерството за образование и наука.

Тие додаваат дека за талентираните ученици, односно учениците кои постигнуваат значителни резултати по одделни наставни предмети, се организира и дополнителна настава.

– Министерството за образование и наука доделува и посебни стипендии за талентирани ученици, во согласност со Законот за ученичкиот стандард. Двојно го зголемивме бројот на стипендии кои се доделуваат на талентирани ученици (претходно се доделуваа по 50 стипендии, а од учебната 2018/2019 се доделуваат по 100 нови стипендии за талентирани ученици). Висината на стипендијата е  2.970 денари месечно, а се доделува  9 месеци во годината – потенцираат од министерството.

Од таму велат дека минатата година е донесен целосно нов Закон за субвенционирано купување на музички инструменти за талентирани средношколци и студенти (доделување на еднократен паричен надоместок за ученици запишани на државните средни училишта за музичка уметност и студенти запишани на некоја од музичките академии).

– Врз основа на Законот кон крајот на годината го спроведовме и конкурсот. Донесовме и нов Закон за основање на Математичко-информатичка гимназија.  Оваа гимназија ќе се основа за остварување на планови и програми за одредени категории на талентирани ученици за кои државата има посебен интерес. Учениците во оваа гимназија ќе имаат можност да слушаат предавања и да бидат менторирани и подготвувани за натпревари од експерти од областа на математиката, физиката и информатиката, вклучувајќи и универзитетски професори. Покрај редовната настава, Математичко-информатичката гимназија ќе може да нуди и напредна настава по математика, физика и информатика за талентирани ученици од основните и другите средни училишта – информираат од Министерството.

Воедно, како што истакнуваат од Министерството, Владата, на предлог на МОН во ноември 2018 година го усвои Законот за изменување и дополнување на законот за студентскиот стандард, со кој се предвидува нова категорија на стипендии, за студенти кои биле корисници на стипендија за талентирани ученици од Министерството за образование и наука, а ќе се запишат на студиски програми на високообразовни установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование.

(А.П.)