Кога благородниците излегуваат во јавност, сите очи се вперени во нив, а зад секој чекор постојат строги правила. Зошто Кралицата секогаш носи светла облека и кој ѝ ги разгазува чевлите? Откриени тајните на кралскиот протокол.

 

Ако мислевте дека Елизабета Втора и Кејт Мидлтон можат да носат што сакаат, сте се излажале. Ова се некои од правилата што тие мора да ги следат без исклучок, а некои од нив ќе ве изненадат.

Кралицата секогаш носи светла облека за да се издвои од толпата

Од светли капути во секоја нијанса, до шапки во боите на виножитото, кралицата често одбира исклучително светли бои за своите комбинации кога е во јавност. И постои добра причина за тоа.

Според биографот на кралицата, Роберт Хардман, таа еднаш рекла: – Никогаш нема да можам да носам крем боја бидејќи тогаш никој нема да знае која сум. Со боите кралицата може да се истакне во толпата и луѓето можат да кажат: – Ја видов кралицата.

Кралското семејство секогаш патува во црно

Иако кралицата претпочита светли бои, сите членови на кралското семејство мора да носат црно кога патуваат, во случај член на кралското семејство да умре додека тие се отсутни.

Овој протокол обезбедува тие секогаш да бидат соодветно облечени по враќањето во земјата. Така во 1952-ра година кога кралицата Елизабета била во работна посета на Кенија, нејзиниот татко, кралот Џорџ починал. Таа со себе не носела црна облека, па откако слетал авионот во Лондон, се чекало прво некој да ѝ однесе црна облека, па потоа да излезе од леталото.

Жените мораат да носат тегови на рабовите на нивните фустани

 

Кралот Едвард III им забранил на сите членови на кралското семејство да носат крзно во 14 век, иако ова правило било прекршено многу подоцна. Имено, Кејт и Вилијам се соочија со низа негативни критики кога носеа традиционални марами украсени со крзно од видра.

За да спречат ветрот да им ги дувне фустаните, жените од кралското семејство ставаат тегови на рабовите на нивните фустани.

Немажените жени и деца никогаш не носат тијара и таа обично е строго резервирана за мажените жени.

„Старото правило е дека шапки никогаш не се носат во затворени простории по 18 часот, бидејќи тогаш дамите се пресоблекуваат во вечерни тоалети, а на сцена настапуваат тијарите и семејниот накит,“ вели експертот за бонтон, Грант Харолд, познат како кралскиот батлер.

Чантите испраќаат тајни сигнали

Кралицата има свои тајни сигнали за да го извести својот персонал кога е подготвена да престане да разговара со некого.

Според кралскиот историчар Хуго Викерс, ако кралицата е на некој настан и сака да го прекине разговорот, таа ја префрла чантата од вообичаената лева страна на десната. Таа ја користи чантата и како знак дека е подготвена да го напушти настанот, бидејќи кога ја става на масата, дава 5-минутно предупредување дека наскоро ќе си замине.

И за крај, кога ги извршува своите должности, обувките мора да бидат што е можно поудобни, особено затоа што кралицата има мошне напорен распоред. А за да биде сигурна дека носи удобни чевли, кои притоа се нови, користи испробан трик, односно член од нејзиниот персонал ѝ ги разгазува чевлите.