Иако само површно изгледаше дека е здрав, тој сепак вчера почина по долгата таинствена болест. Станува збор за еден од најпопуларните некогашни југословенски водители и шоумени Миња Субота. Нашата публика го памети најмногу и како успешен водител на мегапопуларното ТВ ток-шоу „Од главе до пете“(Од глава до петици) заедно со славниот Минимакс. Никој засега не потврдува дали станува збор за коронавирусот, но…..Миња пред шест дена итно бил пренесен на пулмологија, каде што ја загубил битката со непозната болест.

Милан Миња Субота е роден на 8 ноември 1938 година во Сараево. Дипломирал на Електротехнички факултет, а посетувал и основно и средно музичко училиште во Белград каде што остана да живее сè до крајот на животот.
Тој е автор и водител на „Музички тобоган“, популарна програма за деца, емитувана дури 18 години. Беше претседател на Асоцијацијата на естрадни уметници на Југославија, а и на Србија, во управните одбори на Сојузот на композитори на Србија и Здружението на џез, поп, рок и рок музичари на Србија, и член на програмскиот совет на „Новосадски змаеви детски игри“. Членуваше и во поп-групата „Оне и они“ кога го испеа големиот хит „Море и морнари, другови су стари“.

Беше во 36-годишен брак со српската новинарка Бранка Јеремиќ, со која го има синот Милош. Бранка со многу емоции се сеќава на нивното запознавање.
-Една моја колешка новинарка е виновна за сè. Ми рече дека му се допаѓам на неженет маж кој би сакал да ме запознае. Кога ми откри дека тоа е Миња Субота, јас бев шокирана бидејќи тој воопшто не беше мој тип на маж. Ѝ реков дека не доаѓа предвид! Меѓутоа, по еден месец, двете излеговме на кафе и токму тогаш се појави Миња. Седна до мене и не се помести.                                                                         Кафето долго го пиевме. Тој потоа ме покани на вечера, но јас, како и секоја белградска дама, одбив. Упорно одбивав, со месеци, и во еден момент се согласив, и така потоа се започна, таа нашата љубовна приказна која потоа се претвори во брак. Тој не беше нешто убав човек, но беше исклучително харизматичен, забавен тип. Најпрво тајно се забавувавме, да не дознаат моите родители…..но набргу сè се дозна и тие мораа да ја прифатат мојата врска со Миња.

Се зедовме на неговиот роденден, на 8 ноември. А, кога се омажив, јас не знаев ништо да готвам. Сепак, научив сè, па со текот на времето готвев секој ден, бидејќи Миња ја обожаваше мојата кујна. Нашиот син Милош израсна во прекрасен човек кој не пие алкохол, а и не пуши и се занимава со спорт. Се сеќавам за време на санкциите кога бараше пари, тие секогаш беа за книги или литература. Не за некои пороци. Ние бевме исклучително горди родители. Милош магистрираше со десетка и работи како менаџер за продажба, раскажа сега веќе неутешната вдовица Бранка. (Д.М.)