„Сè уште немате томос? Ви излегуваме во пресрет!

Како што објави црногорскиот портал „Аналитика“, Легојда наведува дека цариградскиот патријарх, очигледно, решил да ги стави во функција политичките елити кои ја користат религијата во свои игри со тоа испраќа порака: „Сè уште немате томос? Ви излегуваме во пресрет“.

139

Прогнозите на верските аналитичари за весникот Вечер, дека иницијативата на вселенскиот патријарх Вартоломеј за решавање на црковниот статус на МПЦ-ОА ќе предизвика негативни коментари, се остварија со молскавична брзина. Први реагираа од Руската православна црква, од каде пристигна веста дека рускиот патријарх е лут на вселенскиот патријарх Вартоломеј за поддршката на МПЦ, бидејќи таа била „удар во грб“ за СПЦ.

Претседателот на Синодалниот оддел за општество и медиуми на Московската патријаршија, Владимир Легојда, коментирајќи ги најавите дека Вселенската патријаршија планира да се вклучи во решавањето на „македонското црковно прашање“ изјави дека цариградскиот патријарх, очигледно, решил да ги стави во функција политичките елити кои ја користат религијата во свои игри.

– Всушност, ова не е ништо друго него, туку удар во грб на СПЦ, која веќе се соочува со прогон во Црна Гора, изјави Легојда.

Како што објави црногорскиот портал „Аналитика“, Легојда наведува дека Вселенската патријаршија со тоа испраќа порака: „Сè уште немате томос? Ви излегуваме во пресрет“.

Во текстот од Аналитика се појаснува дека во понеделникот македонска државна делегација предводена од премиерот Оливер Спасовски, имаше средба со патријархот Вартоломеј во Истанбул, по која Вселенската патријаршија соопшти дека во врска со македонското црковно прашање „биле изложени претходните фази на прашањето, вклучително и желбата на тамошната црква (МПЦ-ОА) да се врати во канонски статус, под името Охридска архиепископија, во согласност со поднесената жалба“. Исто така, според порталот, „Македонците од вселенскиот патријарх добиле благослов за целото помесно свештенство и тамошниот народ“, при што тој најавил дека ќе покани претставници на српската и на македонската црква во Истанбул на понатамошни консултации за решавање на црковниот спор.

Разговорите за македонското прашање на делегацијата на Вселенската патријаршија и врвот на СПЦ, кои есеноска дискретно беа водени во Белград, не дадоа резултат, бидејќи СПЦ инсистираше на тоа дека „Македонија е нејзиното внатрешно прашање“, пренесува порталот.

„Аналитика“ оценува дека со последната изјава, Вселенската патријаршија најавила дека прифаќа да го разгледува прашањето за жалбата на МПЦ-ОА, што со други зборови значи дека „го потврдува почетокот на негирање или ревизија на својот томос за СПЦ од 1922 година“. Токму врз основа на овој томос, СПЦ полага право не само на епархиите во земјава, туку и во Црна Гора, како области од нејзината канонска територија. Дотогаш, Црна Гора имаше своја автокефална црква, основана во 1485 година, која неканонски била уништена во услови на „српската воена окупација“, потенцира црногорскиот портал.

Како што веќе објавивме, верските аналитичари за весникот Вечер коментираа дека средба меѓу СПЦ и МПЦ, нема да се оствари бидејќи СПЦ нема да прифати никој да се меша во спорот. Но, според Бранко Ѓорѓески таквата ситуација отвора можност Вселенската патријаршија сама да донесе одлука, како второстепена апелациска инстанца, да го реши нашиот статус. Тој изјави дека на овој начин, прашањето за автокефалноста на МПЦ-ОА може да се реши до крајот на годинава.

Универзитетскиот професор Цане Мојаноски оцени дека црковните прашања веќе не се само во доменот на приватноста, бидејќи се поврзуваат со општествени состојби. “Веројатно отворањето на прашањето значи дека се бараат решенија кои се утврдени во нивните канонски правила и тоа ќе резултира со решение. Приближувањето кон ЕУ подразбира затворање на сите отворени прашања“, изјави Мојаноски. (Е.А.)