СЈО – THE END

Советот на јавни обвинители денеска ќе констатира и престанок на мандатот на другите обвинители во СЈО, бидејќи согласно Законот на СЈО, нивниот мандат не може да го надмине мандатот на специјалниот јавен обвинител. Претседателот на Советот, Ацо Колев, не сакаше да прејудицира што ќе се случи со обвинителите, но рече дека, најверојатно, ќе се вратат во матичните обвинителства

115

Советот на јавни обвинители на вонредната седница во саботата едногласно ја разреши од функцијата специјален јавен обвинител Катица Јанева за незаконско, нестручно и несовесно работење. Одлуката ќе биде објавена во „Службен весник“, но стапува на сила веднаш. Јанева, која во моментот е во притвор како третоосомничена во случајот „Рекет“, беше разрешена на вонредна седница на Советот на јавни обвинители свикана доцна вечерта откако претходно Парламентот едногласно го усвои предлогот за нејзино разрешување.

На продолжението на седницата денеска, Советот на јавни обвинители ќе констатира и престанок на мандатот на другите обвинители во СЈО, бидејќи како што рече претседателот на Советот, Ацо Колев, на прес-конференција, како што е предвидено во Законот на СЈО, нивниот мандат не може да го надмине мандатот на специјалниот јавен обвинител. Тој не сакаше да прејудицира што ќе се случи со обвинителите, но рече дека, најверојатно, ќе се вратат во матичните обвинителства.

Иако Законот за СЈО сè уште е во важност и не е донесен нов закон за ЈО во кој треба да се регулира позицијата на СЈО, Колев рече дека Советот нема да назначи вршител на должноста, бидејќи назначувањето е на предлог на Собранието.

– Тоа в понеделник ќе го констатираме со одлука. Став на Советот е дека не постојат услови за поставување на вршител на должност во Специјалното јавно обвинителство имајќи го предвид самиот Закон за СЈО каде е наведено дека предлогот за именување на специјален јавен обвинител го дава Собранието. Очекуваме предлог од Собранието и ако биде доставен ќе постапиме по предлогот, бидејќи законот сè уште е во важност, рече Колевски во саботата.

Процесот на разрешување на Јанева почна на 5 септември, кога Комисијата за избори и именувања зад затворена врата едногласно и без дебата донесе заклучок да му предложи на Собранието да ја разреши Јанева. Одлуката беше донесена врз основа на извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на Јанева поради нестручно, незаконско и несовесно работење.

Продолжи викендов на 112-тата седница на Собранието на Република Северна Македонија кога едногласно со 102 гласа „за“, без „воздржани“ и „против“, како и со 27 гласа „за“ од припадници од заедниците кои не се мнозинство беше даден предлог за разрешување на Јанева. Парламентарните партии беа единствени во ставот за разрешувањето на Јанева, но пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ ги повторија своите различни позиции и гледишта за тоа какво треба да биде јавното обвинителство во кое треба да биде инкорпорирано СЈО. Тие меѓусебно се обвинуваа за правен хаос, штитење на криминалот, злоупотреби на правосудниот систем, пропаѓање на случаите на СЈО и нивно запирање.

Претседателот на Комисијата за избори и именувања Илија Димовски рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за оваа задоцнета одлука, предупредувајќи дека секогаш кога државата носи неуставни одлуки, кога Собранието гласа неуставни закони како оваа за формирање на СЈО, за што гласал и тој, се случува правен хаос и штетите се санираат на многу потежок начин. Според него, секој што направил криминал треба да одговара и оти злоупотребите на правосудниот систем во последните десетина години не донеле ништо добро. Димовски, меѓу другото, кажа и дека пратеници од неговата партија биле уценувани од СЈО за одлучување во Собранието. Јанева, додаде тој, дури и од притвор ја злоупотребува својата позиција.

Претседателот на Собранието Талат Џафери на забелешките на опозицијата за тоа што не закажал седница за разрешување на Јанева порано, рече дека тој работи според Деловникот и Уставот и оти има предлог-одлука на Комисијата за прашања на изборите и именувањата и оти таа денеска е ставена на дневен ред.

Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ повтори дека правда мора да има за секој што се огрешил. Ја обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ за политички манипулации и обид за спречување на случаите на СЈО.

-Но, исто така сме одлучни и истрајни, правда мора да има за секој што се огрешил, рече Митрески.

ДУИ, пак, според пратеникот Артан Груби е единствената политичка партија која што бара институционална истрага за сите функционери почнувајќи од 2002 година, вклучувајќи ги и политичарите.

Веднаш по завршувањето на седницата, претседателот на Собранието Талат Џафери го потпиша предлогот за разрешување и го достави до Советот на јавни обвинители кој на вонредна седница ја потврди одлуката за разрешување.

Мандатот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева истекуваше вчера. Таа поднесе оставка на 15 јули веднаш по објавувањето на аферата „Рекет“ и апсењето на прво и второосомничениот – Бојан Јовановски и Зоран Милески-Кичеец.

Јанева е осомничена дека посредувала во „Рекет“, односно дека му го олеснила статусот на осомничениот бизнисмен Јордан Камчев во случајот „Империја“ за што прибавила материјална корист. Јанева веќе 20 дена е во притвор во Шутка.