СЈО влезе во работните групи

59

Партиски претставници, но и независни правни експерти, на средби во следниве две недели ќе му пресудат на Специјалното јавно обвинителство. По неколкудневни договарања,  од неофицијални извори дознаваме дека попладнево бил договорен составот на работната група која ќе го чешла предлог-законот за Јавно обвинителство.

Обезбедувањето на двотретинско мнозинство неопходно за предлог-законот да помине и понатаму е најголемиот предизвик за СЈО да стане дел од Јавното обвинителство.

Неизвесно е колку е можен консензус околу предлог-законот имајќи ги предвид спротивставените ставови на власта и опозицијата особено во однос на иднината на специјалната обвинителка Катица Јанева во СЈО. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на средбата со премиерот Зоран Заев во неделата го повтори ставот на партијата дека Катица Јанева повеќе не може да остане на функцијата, додека Заев изјави дека специјалната обвинителка и нејзиниот тим ја имаат неговата целосна поддршка.

Во исто време, неколки граѓански организации побараа да се повлече законот за СЈО бидејќи како што велат не се согласуваат со начинот на кој се одвива носењето на измените и дополнувањата на Законот за Јавното обвинителство.

„Со овој закон се уредуваат понатамошното постоење, функционирањето и надлежноста на сегашното СЈО, без да бидат анализирани значајни проблеми поврзани со неговото работење, познати речиси од самиот почеток на работата на обвинителството, а не се земени и досегашните препораки од граѓанските организации и експертите. Затоа, бараме доработка на измените и дополнувањата на законот, со фокус на одредбите што се однесуваат на понатамошниот статус и работа на СЈО“, се вели во соопштението.

Граѓанските организации реагираат на нетранспарентноста на процесот во кој се подготвуваше законот, отсуството на консултации и вклученост на граѓанските организации и стручната јавност, а што директно влијае на создавање недоверба во понатамошното функционирање на СЈО.

Вицепремиерот Бујар Османи деновиве ги отфли информациите дека ДУИ наводно инсистирало за смена на тимот на СЈО. Османи истакна дека ДУИ ќе продолжи со поддршка за да се обезбеди мнозинство и да се усвои новиот закон за јавно обвинителство, во кое е инкорпорирано СЈО, бидејќи, како што рече, ќе биде важна одредница за проценка на успешноста на реформската агенда.

Освен измените во законот за јавно обвинителство, пред пратениците ред чекаат и единаесетте закони за кои претседателот Ѓорѓе Иванов не ги потпиша указите на кои е наведено новото име на државата – Република Северна Македонија. Собраниски извори брифираат дека овие закони на второ гласање ќе се најдат, најверојатно, на крајот на овој месец.

Претседателот според Устав, по второто гласање е должен да ги потпише законите. Во слична ситуација пред неколку месеци се најдоа и Законот за јазици и Законот за ратификација на договорот за името, кога претседателот и по втор пат одби да го стави својот потпис, па законите отидоа во Службен весник само со потпис од Талат Џафери.