Сѐ почнува од почеток, само кандидатите за пратеници ќе останат исти  

Парламентарните избори, што требаше да се одржат на 12 април и беа одложени со Уредба од Владата и организирањето на нов изборен ден, уште подлабоко заглавија во правните лавиринти, особено откако собранискиот спикер децидно соопшти дека нова седница на Собранието ќе има само со новиот парламентарен состав. Државната изборна комисија, со владината Уредба за замрзнување на изборните дејства, доби обврска еден ден по завршувањето на вонредната состојба, да објави нов роковник

913

Ќе продолжат ли да течат роковите за изборите и изборните дејствија веднаш по завршувањето на вонредната состојба или одново ќе се распишат изборите, откако ќе се прецизира изборниот ден. Парламентарните избори, што требаше да се одржат на 12 април и беа одложени со Уредба од Владата и организирањето на нов изборен ден, уште подлабоко заглавија во правните лавиринти, особено откако собранискиот спикер децидно соопшти дека нова седница на Собранието ќе има само со новиот парламентарен состав. Државната изборна комисија, со владината Уредба за замрзнување на изборните дејства, доби обврска еден ден по завршувањето на вонредната состојба, да објави нов роковник.

-Спроведувањето на изборните дејствија ќе продолжи од денот на престанок на вонредната состојба. Сите изборни дејствија кои се преземени согласно одредбите на Изборниот законик до денот на стапување на сила на оваа уредба се сметаат за важечки“, пишува во членот 5 од Уредбата, објавена во „Службен весник“.

Професорката по Уставно право, Тања Каракамишева Јовановска во изјава за весникот ВЕЧЕР коментира дека уредбата која ја донесе владата (Уредба со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес) е правно проблематична уредба од неколку причини. Според неа, Владата со донесената уредба ги пречекори своите законски овластувања, бидејќи ѝ наложи на ДИК да ги продолжи изборните дејствија од денот по престанокот на вонредната состојба што се карактеризира како арбитрерно однесување на владата.

-Прво, владата ниту според Уставот, ниту според Изборниот законик, нема директна надлежност во спроведувањето на изборниот процес, а најмалку во наметнување обврски за спроведување на изборните дејствија. Второ, иако оваа влада е влада за спроведување на избори, сепак, тоа не ѝ дава за право да навлегува во прашања што не се нејзина конкретна надлежност. Ниту денот на распишувањето на изборите е надлежност на владата, ниту организирањето на изборните дејствија е во нејзина надлежност, вели Каракамишева.

Изборниот Законик, потенцира професорката, не познава институти како „прекинување“ и „продолжување“ на изборни дејствија, па така, истите ќе мора да се вратат од почеток. Единствено, вели Каракамишева, непроменети може да останат кандидатските листи, кои партиите ги поднесоа со нивните предлози за нови пратеници.

 

-По утврдувањето на новиот изборен ден од страна на надлежниот орган, ДИК практично ќе мора да ги започне сите изборни активности од почеток. Прво што ќе треба да направи е ново ажурирање на Избирачкиот список, бидејќи во меѓувреме многу граѓани кои наполниле 18 години се стекнале со избирачкото право. ДИК треба да продолжи таму каде што застанале изборните дејствија до носењето на уредбата, што практично значи дека ДИК нема да има можност да го ажурира списокот. Ажурирањето е важно и за прочистување, односно бришење од списокот на лицата кои во периодот починале. Потребно е повторно да се запишат лицата кои се вратени во државата и кои сакаат да го остварат правото на глас во земјата. Станува збор за голема бројка на лица кои поради пандемијата се вратија во Македонија, вели професорката Каракамишева Јовановска.

За да почнат да се преземаат изборни активности, и да се утврдуваат рокови, најпрво треба да се одреди датумот на изборите, за да може ДИК наназад од тој датум да ги предвиди сите дејства кои треба да се завршат, вели претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски. Тој смета дека Уставниот суд прво треба да го поништи претходното решение за избори.

-Прво треба да се направи ситуација со која претходното решение ќе се стави вон сила. Мислам дека Уставниот суд треба да се произнесе за оваа ситуација и тој е единствено меродавен во оваа ситуација. Мое лично мислење е дека сите други постапки ќе нè воведат во нови правни лавиринти кои ќе доведат до несакани пракси сега и во иднина, изјави Деркоски за медиумите.

Во меѓувреме, претседателот Стево Пендаровски за првата половина на мај најави лидерска средба на која ќе се разговара за натамошниот тек на политичкиот процес во земјата, како и за можните термини за одржување на следните парламентарни избори.

На последната лидерска средба што беше одржана во март партиите едногласно се договорија дека во услови на пандемија од коронавирусот, не треба да има избори.

(Ј.Ц.Г.)

Партиите ја толкуваат Уредбата како што им одговара

Владината уредба за прашањата поврзани со изборниот процес различно ја толкуваат двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

И од двата табора велат дека се подготвени, но оти сега приоритет има здравјето на граѓаните и борбата со коронавирусот. Не се согласуваат за роковите кога треба да продолжат изборните дејствија.

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ,  го повтори ставот на претседателот на Собранието Талат Џафери дека Собрание може одново да свика само нов парламентарен состав.

– Овој состав на парламентот е поранешен. 108 пратеници едногласно гласаа за тоа. Единствен кој што ја има таа сала да ја наполни салата со пратеници е народот. Не може ниту Заев ниту група на поранешни пратеници, рече Мицкоски.

Потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зеќири, за Алсат изјави дека роковите треба да продолжат да течат од каде што застанале, затоа што така било договорено на лидерската средба кај претседателот на државата, непосредно пред прогласувањето на вонредната состојба.

„Откако ќе биде укината вонредната состојба, почнуваат да течат роковите, односно 24 дена по укинување на уредбата треба да се одржат парламентарните избори во нашата земја“, вели Зеќири.

Џафери: Ова е обид за пуч, се врши притисок врз мене

Освен по изборите, било кој друг начин да се стави Собранието во заседание ќе биде обид за пуч и моментно се врши притисок врз мене, изјави синоќа претседателот на Собранието Талат Џафери во емисијата „Click Plus“ на ТВ21.

Дециден беше дека работата на овој парламентарен состав е завршена.

„На 16 февруари секој пратеник гласаше за престанок на мандатот. По наредните избори ќе се собере Собранието“, вели собранискиот спикер.

Инаку до Собранието иницијатива за негово повторо свикување поднесоа пратеници од СДСМ, а на иницијативата не се приклучиja ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.