СЦ „Борис Трајковски“ нашминкан за ЕП (Фото)

579

Салата што беше пуштена во употреба во 2008 година, претрпи многу промени (поставено ЛЕД-светло, реновирани тоалети, сменети столчиња…) во пресрет на Европското првенство, кое од 4 до 20 ноември ќе се игра во Македонија, Црна Гора и во Словенија. Скопје ќе биде домаќина на групата Ц, во која, освен „црвено-жолтите“, ќе се натпреваруваат уште Романија, Франција и Холандија

Македонската женска сениорска ракометна репрезентација, по цели десет години, повторно ќе биде дел од едно големо натпреварување. Поточно, Ракометната федерација на Македонија, заедно со федерациите на Црна Гора и на Словенија, ќе биде домаќин на Европското првенство, кое од 4 до 20 ноември, кај нас, ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски.“ Оваа сала, која го собра кремот на европскиот женски ракомет и во 2008 година, овој пат ќе ѝ биде домаќин на групата Ц во која ќе се натпреваруваат Македонија, Франција, Холандија и Романија. Потоа ќе бидеме домаќини и на уште една група од главната фаза, каде што гости ќе ни бидат три од репрезентациите од групата Д, во која силите ќе ги одмерат Германија, Полска, Шпанија и Црна Гора.

Токму поради организација на шампионатот и по барање на Европската ракометна федерација (ЕХФ), убаво се „нашминка“ СЦ „Борис Трајковски“. Сите поправки во салата се извршени благодарение на финансиската инјекција од Владата на РСМ, а по иницијатива на претседателот на РФМ, Живко Мукаетов.

Но, исто така, голема заслуга за „шминкањето“ на салата, која беше пуштена во употреба во 2008 година, има и првиот човек на СЦ „Борис Трајковски“, Филип Даскаловски. Тој за весникот ВЕЧЕР, откри какви сè поправки се извршени за кус временски период и дека сè е подготвено за стартот на континенталниот собир.

-Прво и најважно, сменето е целото осветлување во салата, поставени се нови ЛЕД-светла, преку кои и ќе заштедиме 30% од електричната енергија. Поставена е нова ограда кај монтажните трибини и направен е влез одозгора со цел играчите да немаат контакт со публиката, бидејќи од ЕХФ го побараа тоа од нас. Имавме интервенција и на вратите, дел од нив се реконструирани, а дел се заменети со нови. Поставена е нова врата и од страната на малата сала, која е пренаменета во конгресен и прес-центар. Исто така се интервенираше и на системот за греење и ладење, заменети се неколку филтри, а направени се и други поправки на овој систем, кој сега функционира беспрекорно. Големи интервенции имавме и во тоалетите, каде што се заменети ВЦ-школките, чешмите, лавабоата, но и многу сифони од кои се ширеше непријатна миризба. Сменети се и над 200 столчиња, а над 3.000 се прицврстени, нешто што не беше направено уште откако е изградена салата. Исто така, интервенирано е и на прозорците, каде што е поставена фолија која ги спречува сончевите зраци, но не и светлината. Ова е особено важно за дневните тренинзи да се одвиваат непречено, односно да не им пречат на репрезентациите за време на тренинзите. Целосно е реновиран и влезот за ВИП-гостите, а стариот конгресен центар е пренаменет за познатите гости – вели првиот човек на СЦ „Борис Трајковски.“

Македонската репрезентација првиот натпревар на шампионатот ќе го игра на петти ноември, против селекцијата на Франција, вториот натпревар го игра против Холандија, а ја завршува групната фаза против Романија.

 

Славе ТАСЕВСКИ

Фото: П. Стојановски