Првиот човек на Меѓународната тениска асоцијација за тенисерки (ВТА), Стив Сајмон, соопшти дека се суспендирани сите турнири во Кина, поради случајот со Пенг Шуаи.

-Најавувам итна суспензија на сите ВТА турнири во Кина, вклучително и Хонг Конг. Не гледам како можам да побарам од нашите играчи да учествуваат на турнири, кога на Пенг Шуаи не ѝ е дозволено слободно да комуницира и кога е под притисок да ги откаже своите наводи за сексуална злоупотреба, напиша претседателот на ВТА.

Кинеската тенисерка пред повеќе од еден месец објави шокантни обвиненија против некогашниот премиер на Кина, Џан Гаоли. Наводно таа била жртва на сексуално злоставување пред три години.