Сурова го бркаше злото од Ѕвегор

372

Со посета на домовите на жителите на село Ѕвегор, вчера во раните утрински часови започна василичарскиот обичај Ѕвегорска Сурова, традиција стара над 100 години, која завршува со откривањето на невестата која е главна маска на карневалот.

Суроваскарите меѓу останатите куќи ја посетија и куќата на овогодишниот кум, кој е задолжен за организацијата на заедничката веселба, која заедно со традиционалната суроваскарска вечера се организира во селскиот дом. За кумот Ѓорѓи Манов најважно е што и годинава обичајот продолжи во духот на она што од секогаш било карактеристично за Ѕвегорска Сурова.

– На 14 јануари е Василица или Сурова на наш дијалект кажано. Правиме голем фестивал или да го наречам обичај кој започнал пред  100 години и трае и ден-денешен. Задоволен сум таа година од маскираните учесници во Ѕвегорската Сурова – истакна Манов.

Старосватот во годинешниот обичај, Живко Цонев, раскажува дека за време на Сурова се криеле од полицијата, бидејќи ги гонеле по селото за да не се одржува. Инаку традицијата е од одамна, од турско, порано ноќе не смеело да се оди на Сурова, не давале Турците и затоа веќе години наназад Сурова се одржува преку ден. Јас порано одев, но остарев и тоа им го препуштив на помладите – рече Цонев.

Белаците се една од позначајните 40 маски на Ѕвегорска Сурова покрај невестата. – Имаме маски Белаци, Цигани, Мечка, Мечкар. Моја задача како Велак е да ја бранам невестата да не ја откријат, зошто ако ја откријат Сурова не е успешна – истакна учесник во карневалот.

Ѕвегорци го бркаат злото од селото кое е едно од верувањата поврзано со овој обичај се до моментот на откривањето на невестата, по што продолжи заедничката веселба помеѓу учесниците во василичарскиот обичај.